Влада: Работното време од 7 до 15 часот, донесени серија мерки за топлотниот бран

Прес- конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Согласно добиените информации од мето-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи и денеска на целата територија на Република Македонија е зафатена од високи температури, при што два региона, Скопскиот и Струмичкиот се и денес во портокалова фаза и за нив и денеска важат вчера објавените мерки, за намалување на ризиците од високите температури за лицата кои се наоѓаат на отворен простор, дома, на своите работни места, покрај езерата, реките и базените или на планините.

Согласно истите информации од УХМР, во текот на утрешниот ден, четири региони од Републиката, Скопскиот, Струмичкиот, Пелагонискиот и Езерскиот ќе влезат во портокалова фаза, при што состојбата на Топлотен бран почнува да важи на целата територија на Републиката, и соодветно препораките на Владата од утре важат на целата територија на Република Македонија, препораки кои се:

1. Ослободување од работните обврски на најранливите групи на населението, како што се - бремените жени и на лицата над 60 години.

2. Во установите за згрижување на децата (градинки) да не практикуваат физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 16 часот.

3. Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст на Република Македонија и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да имаат поактивен пристап и да пружат помош на осамени стари изнемоштени лица и бездомници.

4. Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на  обврската за почитување на законските прописи од оваа област.

Согласно добиените информации Владата на Република Македонија одлучи

1. Државните органи и јавните претпријатија и установи, од утре да го организираат работното време во траење од 7 до 15 часот.

2. Во исто време, Владата препорачува на приватниот сектор да го организира работното време во истиот период од 7 до 15 часот.

3. Владата одлучи оваа мерка да биде со времетраење од 7 дена, до понатамошно одлучување. Владата и надлежните органи будно ја следат состојбата и доколку има потреба ќе бидат преземени мерки согласно Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови, врз населението во Република Македонија.

4. Истовремено, работното време градинките треба да го организираат во периодот од 7 до 17 часот. Градинките не треба да практикуваат физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено после 11 часот.

5. Владата зазема став сите правни субјекти кои вршат активности на отворено да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот. Ова особено се однесува на градежните работници

Потсетуваме дека населението во целиот летен период потребно е да ги почитува следните општи мерки за заштита на здравјето како што се:

1. Во текот на екстремно топли денови, да се остане повеќе во затворени простории (пред се климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори  под сенка.

2. Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце носете заштитни очила и капа, а при сончање да се користи крема со висок заштитен фактор.

3. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна.

4. Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење,  а да се избегнуваат алкохолните пијалаци.

5. При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри.

6. Хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.

Поради високите температури и зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања, препораките се :

1. Задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба.

2. Термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу кус рок по подготовката. Ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер на + 8 степени, а пред употребата истата да се загрее на + 100 степени.

3. Да се избегнуваат производи кои термички не се обработени како мајонези од домашни јајца, а внимателно да се конзумира сладолед и разни кремови.   

Исто така, информираме дека здравствените установи се подготвени со доволен број капацитети (хумани, просторни) и медикаментозна терапија за евентуално справување со зголемен број на лица со штетни ефекти по здравјето од високите температури.

Исто така, по потреба и на дневна основа, Комисијата за топлотни бранови при МЗ ќе предлага мерки и активности за минимизирање на овие ризици, посебно за најранливата категорија на граѓани во деновите кои доаѓаат.