Државната матура положена со просечна оценка 3,10

Просечната оценка на државната матура во јуни е 3,10, според прелиминарните резултати што денеска ги соопшти Министерството за образование и наука. Успехот е приближно ист како во изминатите четири години откако таа се спроведува во Македонија.

Највисоката просечна оценка годинава има по предметот германски јазик (4,27), кој го полагале 142 матуранти, а највисок процент на кандидати што паднале во сооднос со бројот на пријавени има на француски јазик. Тој предмет не го положиле 52 од 285 или 18,2 отсто, а просечната оценка е 2,87. Просеците по англиски и руски се 2,95 и 3,34.

Слични како и во минатите години се просечните оценки по задолжителниот предмет (мајчин јазик и литература):  македонски (3,32), албански (3,01) и турски  (3,52). Притоа се има предвид дека за преодна оценка кај мајчините јазици се потребни најмалку 36 од 100 бода, а кај странските јазици минимум 22.

Во однос на минатите години, има зголемување на просечната оценка по предметите математика основно (3,02) и напредно ниво (3,84), иако е се уште многу мал бројот на ученици што се пријавуваат за да го полагаат (2.141 и 19). За положеност основно ниво се потребни најмалку 20, а за напредно најмалку 26 бода.

Министерот Панче Кралев на прес-конференцијата рече дека е тоа посебно значајно заради упис на техничките науки  кои МОН ги промовира со кампања за да привлече што повеќе студенти.

Не паднал ниеден пријавен по предметите естетика и филозофија, кои како изборен предмет ги полагаат матурантите од уметничките училишта и за кои се потребни најмалку 21 и 20 бода. Просечната оценка кај нив е 2,68 (естетика) и 3,1 (филозофија).

- Генерално, државната матура е на исто ниво и се движи околу 3. Постигнувањата се исти со мали осцилации кај некои предмети. Некоја година подобри се резултатите по мајчин јазик за сметка на странските јазици, а некоја година состојбата е обратна. Но, разликата меѓу успехот не е многу голема. Извесно подобрување има и кај мајчините јазици, но се уште треба да се работи. Задоволни сме, но тенденцијата е да се подобрува успехот по сите предмети, а не само по тие што се дел од државната матура, рече директорката на Бирото за развој на образованието Весна Хорватовиќ.

Од вкупно 19.052 кандидати на тестирањата во јуни, матурата не ја положиле 2.632 (од кои седум биле отстранети на полагањето на испитите, на 9-ти и и  на 12 јуни). Ова не е конечен број и може да се измени ако се прифати некој  приговор.

Директорот на Државниот испитен центар Јусуф Арифи рече дека приговорите треба да се поднесуваат денеска и утре во училиштата. Цената е 1.000 денари кои ќе им бидат вратени ако приговорот е основан и се прифати. Прелиминарните резултатѕи се доставени до училиштата и се објавени на веб-страницата www.matura.gov.mk.

Матурантите кои не ја положиле матурата или еден од двата испита, ќе може да се пријават на тестовите идниот месец, на 14-ти и 16 август. Без положена државна матура не може да конкурираат за упис на факултет.

МОН најави дека на 24 јули ќе ја објави ранг-листата на сите 104 средни училишта според постигнатите резултати на државната матура во 2012. Во изминатите четири години на прво место беше скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“.