Политиките за економоски раст да го земат предвид влијанието на животната средина, порачува СБ

Во наредните 40 години Македонија ќе стане сува со голема веројатност дека ќе има одредени недостатоци на вода особено во летниот период. Протоците на реките ќе се намалат на 50 проценти, а политиките што ќе се носат треба да бидат насочени кон поефикасно користење на водите и воопшто кон нов модел кој ќе го земе предвид влијанието на животната средина.

Ова го покажува анализата на Светска банка што денеска беше презентирана на седницата на Националниот совет за одржлив развој.

- На светско ниво се пристапува кон нов модел на анализа на политиките на економски развој кои треба да го земат предвид влијанието врз животната средина, социјалните разлики на луѓето, односно да не се набљудува секогаш економскиот раст само преку порастот на БДП, туку преку многу поширок сет мерки бидејќи растот треба да биде одржлив. Она што се спроведува во секоја држава не треба само да дава краткорочни ефекти, туку да се води сметка за иднината, рече вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски по седницата.

Тој додаде дека Македонија е прва држава каде се формира ваков модел, кој ќе овозможи на Владата и сите институции да ги тестираат ефектите од разните економски политики.

Светската банка, како што рече  по седницата претставникот на Светска банка во Македонија Лилија Бурунчук, препорачува избалансиран пристап на водата во процесот на производство топлинска енергија, хидроенергија, процесот на наводнување, како и за влијанието на климатските промени врз понудата и побарувачката на вода во наредните децении.

- Треба да се работи на управување со водните ресурси, да се штеди водата и да се спречат загубите на водата, истакна Бурунчук, додавајќи дека за Скопје се препорачува примена на модел на одржливи градови, кој би овозможил подобри перформанси доколку се намалат загубите на водите, поголемо користење на јавниот превоз и намалување на густината на населението.

Таа потенцира дека инвестициите би требало да обезбедат зелен развој кој ќе донесе повеќе работни места.

Светска банка, како што рече, е подготвена, како и досега, да соработува со Владата и да понуди совети за операционализација на поуките.

Моделот како пример ќе го користат и други земји при воспоставување и креирање слични модели и во други држави.