Издадени нови 23 решенија за забрана за работа на отворен простор поради топлото време

Поради утврдена непосредна опасност по здравјето на вработените (високи температури и зголемено УВ зрачење), Државниот инспекторат за труд денеска издаде 23 решенија за забрана на работа на отворен простор во периодот од 11 до 17 часот.

Инспекторатот до 14 часот изврши 53 инспекциски надзори (43 редовни и 10 контролни) од областа на безбедност и здравје при работа, на територијата на Република Македонија.

Од Министерството за труд и социјална политика информираат дека надзорите продолжуваат и во наредниот период и доколку се утврди непочитување на забраните ќе следуваат и прекршочни пријави од трета категорија во висина од 5000-8000 евра за правниот субјект и 500-1000 евра за одговорното лице на правниот субјект.

За утврдени други недостатоци и непреземени мерки согласно Законот и подзаконските акти, ќе се изрекуваат соодветни прекршочни пријави, а при досегашните контроли не е утврдено прекршување на претходно изречените забрани.