Министерството за транспорт дава силна поддршка на општините за реализација на инфраструктурни проекти. Во општина Студеничани со средства од Министерството за транспорт веќе работиме на подобрување на локалните патишта во населените места и овие средства се надвор од оние 100 милиони евра што Владата ги обезбеди за сите општините за реализација на капитални проекти, истакна вицепремиерот Александар Николоски кој заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и други членови на Владата денес означија почеток на реконструкција на локалниот пат од Драчево до мотел Китка.
Инвестицијата за реконструкција на овој локален пат е вредна 63,5 милиони денари од кои 59,2 милиони денари се обезбедени преку Министерството за транспорт, а 4,3 милиони денари со кофинансирање на општината.
Од тука споделуваме две добри вести. Едната е дека привршуваме со реконструкција на локален пат во село Студеничани, 840 метри е вкупната должина и второ во тек е тендерска постапка во село Моране за реконструкција и целосна изградба на нов пат во должина од 1,3 км. Двата одат преку средствата што Министерството за транспорт ги обезбеди преку кредитот на Светска банка и ова е дополнително на поддршката што Владата ја даде минатата година, а и оваа година исто така и ќе дава силна поддршка за општините во годините што доаѓаат, изјави вицепремиерот Александар Николоски.