Груевски: Инвестицијата е доказ дека нашите мерки се корисни за бизнисот

Македонската компанија „Пекабеско“ реализира нова инвестиција, со поддршка од кредитната линија што Владата ја обезбеди од Европската инвестициска банка. Објектот, кој е во завршна фаза и се очекува да биде пуштен во употреба во септември, денеска го посети премиерот Никола Груевски. 

Според премиерот, станува збор за една сериозна инвестиција од 13 милиони евра, од кои 9,5 милиони евра се обезбедени преку Тутунска банка од кредината линија од 100 милиони евра од Европската инвестициска банка.

- Ова е еден од покрупните проекти што доби поддршка од  кредитната линија од Европската инвестициска банка со субвенционирана камата од 5,5 проценти што Владата ги обезбеди како една од антикризните мерки за време на светската економска криза, изјави Груевски.

„Пекабеско“ во моменов работи во трипати помал објект и со пуштањето во употреба на новиот капацитет се очекува зголемување на бројот на вработени од сегашните 200 на 300 во наредните години. Новиот објект, како што рече премиерот, ќе понуди и подобри услови за производство и многу поголем капацитет за извоз и можност за освојување нови пазари.

Груевски потенцира дека покрај овие средства обезбедени од Европската инветициска банка на располагање на компаниите им стојат и новите 11 милиони кои Владата ги отстапи на Македонска банка за поддршка на развојот со камата од само 3 проценти, која, како што истакна, не може да се најде никаде во светот, како и средствата преку ИПАРД програмата. - Можности има, вели премиерот но треба да ги искористат компаниите и да бидат поамбициозни.

Новиот објект е направен на земјиште што државата го продаваше по поволни услови за стопанството. Првиот извршен директор на „Пекабеско“ Слободан Кутревски изрази благодарност до Владата што им овозможила на евтин начин да дојдат до земјиште и да го реализираат овој проект.   

„Пекабеско“ се занимава со производство во последните 10 години. Покрај во Македонија, производството го пласира и на пазарите во Србија, БиХ, Црна Гора и Косово и се обидува со Албанија, а од премиерот Груевски побарале поддршка да им се отвори пазарот во Бугарија, Романија и Хрватска.