Седумстотини кандидати досега ги поминаа тестирањата за прием во полицијата

Седумстотини кандидати од пријавените на конкурсот за прием на полицајци во Министерство за внатрешни работи досега го имаат поминато тестирањето за нивната физичка подготвеност и моторичките способности. Тестирањата од оваа прва фаза треба да завршат до 19-ти овој месец, а се очекува крајната бројка која би преминале во наредната фаза да биде околу 800 кандидати.

Денеска во посета на касарната Ѓорче Петров, каде се вршат тестирањата беше ресорната министерка Гордана Јанкулоска.

Според неа бројот на кандидати кои ја поминале првичната селекција гарантира една квалитетна и добра конкуренција, односно дека за едно место полициски службеник ќе се натпреваруваат повеќе кандидати.

- До крајот на оваа фаза остануваат уште неколку дена. Досега селекцијата ја поминале 596 мажи и 104 жени, односно 10 до 15 проценти, што е една стабилна бројка на кандидати кои ги поминуваат проверките, рече министерката и додаде дека доколку се следи овој тренд се очекува тој да се задржи и  финалната бројка на кандидати кои би ги поминале првичните проверки да се движи околу 800 кандидати. 

Таа истакна дека меѓу кандидатите има припадници од сите етнички заедници, процентуално со нивното учество во вкупното население на Република Македонија, а за тоа каде ќе бидат распоредени посочи дека сега не се знае. 

- Однапред не се знае каде ќе бидат распоредени, затоа што секој кандидат треба да помине обука која се состои од неколку сегменти  и доколку имаат резултати кои покажуваат предиспозиции за нивното распоредување во некоја од елитните едици на МВР дел од нив ќе бидат распоредени и во специјалните единици, рече министерката, додавајќи дека од кандидатите има некои кои навистина според физичките предиспозиции покажуваат добри резултати и оти во оваа фаза може да се претпостави дека може да бидат регрутирани како дел од специјалните единици. Меѓутоа, додава, нема гаранција каде еден полициски службеник ќе биде распореден. Тоа најмногу зависи од него и резултатите што ќе ги покаже во текот на обуката која трае 9 месеци, а потоа следуваат 3 месеци практична работа. Дури во моментот кога ќе завршат сите овие фази може да направиме еден распоред на новите полициски службеници кои од нив ќе работи во редовниот состав, а кој во специјалните единици, истакна министерката за внатрешни работи.

Проверката на кандидатите се одвива низ повеќе фази. По оваа првата, во која се тестира физичката подготвеност и моторичките способности, следуваа присхолошките тестови, проверка на здравствената состојба, проверка на општообразовните познавања, писменото изразување и на крајот интервју која е и завршна фаза при селекција на кандидатите.

Конкурсот за прием на полициски службеници беше објавен на 4 јуни годинава, а се однесуваше на 300 вработувања.