Промовиран Каталог на Музејот на македонската борба претставен со брајово писмо

Каталог претставен со брајово писмо кој ќе овозможи слепите лица и лицата со оштетен вид да се запознаат со идејното решение и содржините на Музејот на македонската борба, е промовиран денеска во Музејот. Каталогот е прв од ваков вид во државата, а неговата содржина ја подготвија историчарите Виолета Ачковска, Зоран Тодоровски и Даринка Петреска.

На промоцијата на каталогот присуствуваа министрите за култура и за труд и социјална политика Елизабета Канческа - Милевска и Спиро Ристовски.

- Новиот Музеј е од непроценливо значење за македонската држава и од тука би сакала да го изразам моето големо задоволство што од денеска, тој ќе биде духовно собиралиште и на лицата со посебни потреби, лицата до оштетен вид, место во кое генерациите ќе градат посебен етички кодекс на своето однесува, рече во обраќањето пред присутните министерката Канческа-Милевска.

Таа посочи дека во тек е подготовка на ЦД за слепи лица кои не знаат да го читаат брајовото писмо и додаде оти интензивно работат и на изработката на кукли кои ќе бидат облечени во носија или униформа со оружје и преку кои слепите лица ќе можат со допир да се запознаат со изгледот, опремата и оружјето на типичните претставници на македонската национална револуционерна борба.

- Во тек е подготовката на проектот за издавање на десет тома отпечатени со брајово писмо, од едицијата „130 тома македонска книжевност“, проект кој ќе биде завршен и промовиран наредната година. Сите овие проекти ги потенцираат нашите напори за поддршка на иницијативите и активностите насочени кон потребите на оваа група граѓани, потенцира Канческа-Милевска.

Таа додаде дека досега Музејот на македонската борба за државност и самостојност го посетиле повеќе од 50.000 луѓе, од кои 7.000 се гости од странство.

Министерот Ристовски истакна дека ова е пример како едно од министерствата кое нема редовна обврска за грижа за лицата со посебни потреби и слепите лица реализира веќе втор и исклучително значен проект.

- Би апелирал и би мотививирал и другите министри да го следат примерот на Министерството за култура и да продолжат со реализација на проекти со кои ќе се подобри животот на лицата со посебни потреби без разлика на која категорија припаѓаат се со една единствена цел-нивна поцелосна и покомплетна интеграција во целокупните општествени текови, додаде Ристовски.

Милица Трпевска, која учествувала во изработката на каталогот рече дека тие сакаат да бидат вклучени во сите проекти кои ги засегаат и опфаќаат прашања и проблеми кои се однесуваат на слепите лица.

- Ова е прв чекор од нашиот проект кој се планира да продолжи и понатаму, да го направиме Музејот на македонската борба целосно пристапен за слепите лица, додаде Трпевска.