Груевски: Од октомври се укинуваат уште 12 квоти на лекови

Од октомври нема да има квоти за нови 12 лекови, а до 2015 година Владата планира постепено укинување на сите квоти, најави денеска премиерот Никола Груевски.

- Веќе ги започнавме чекорите за реализација на ова наше изборно ветување. Претходно беа тргнати 37, а од октомври дополнителни 12 лекови ќе се тргнат од квота. Планот на Владата е согласно одлуката што ја донесовме до 2015 година постепено да ги укинеме сите квоти. Имаме план и за наредната година и за таа по неа и за 2015, точно колку лекови ќе бидат укинати така што веќе започнавме како што е предвидено во програмата, изјави Груевски, по пуштањето во употреба на лабораторија на Институтот за патологија.

Тој појасни дека во следната година има точно утврдена динамика колку квоти ќе бидат укинати така што ова нивно ветување ќе биде реализирано во целост онака како што е ветено во програмата до 2015 година.

- Ќе нема веќе квоти во аптеките и граѓаните нема да бидат доведени во ситуација при крајот на месецот да мора да бараат низ аптеките лек или да одат во подалечни аптеки или пак да го платат лекот приватно, иако тој следува и на рецепт, нагласи Груевски.

Она што е најважно, рече премиерот, е дека ова ветување го давале сите претходни влади меѓутоа досега ниедна не го реализирала.