Груевски: Разликата меѓу нас и СДСМ е во држењето до зборот и во делата

ВМРО-ДПМНЕ е партија која држи до зборот. Тоа што сме го ветиле и го остваруваме и тоа го правиме и во прилично невозможни услови на светска и европска економска криза и рецесија и намалување на приходите во буџетот. Раководството на СДСМ, пак, има таков карактер да не стои до зборот, често си ги менува сопствените ставови што ги кажале не пред една година или 10 години, туку пред една или две недели.Тоа е карактеристика за оваа политичка гарнитура, и тоа не разликува нас, тоа прави една голема разлика меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Ова денеска го изјави премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање, по најавите од градоначалникот на СДСМ во општина Карпош дека ќе гради споменик, а кои претходно критикуваа оти не треба да се трошат пари за тоа.

- СДСМ е карактеристична по тоа што не држи до зборот и не се срамат од тоа. Станува збор за политичка гарнитура, не можам да кажам дека сите членови на партијата се такви луѓе, но има и доста добри луѓе во таа партија, посочи Груевски по предавањето во употреба на лабораторија на Институтот за патологија.

По две години како што вели тој, немање одговор од општина Карпош на нивните молби за изградба на споменик на Кузман Јосифовски Питу, Владата одлучила таков споменик да се изгради во општина Центар за што работите се веќе во одмината фаза на изработка.

- Очигледно е дека еден ден велат дека се против споменици, другата недела веќе викаат дека ќе градат споменици. Една недела велат дека се против освежување и дотерување фасади, следната недела веќе се фалат дека во нивната општина ќе ги направи фасадите. Една недела велат едно, друга недела велат друго. Сега Љупчо Георгиевски и е најголем непријател на Македонија, следната недела тој им е најголем сојузник. Има веројатно гласачи, кои што не им пречи да поддржат некој да им биде власт, кој не држи до зборот. Не ги разбирам тие гласачи, меѓутоа има секакви луѓе, додаде премиерот Груевски.