Груевски: Секогаш ќе има пари за земјоделски субвенции

Динамиката на исплата на субвенции во земјоделството оди одлично, процесот се одвива онака како што ветивме, согласно законот и правилата и Владата во никој случај нема да отстапи од субвенционирањето за земјоделците, оцени премиерот Никола Груевски.

-  Од она што го имам како информација тие се задоволни и не може да бидат незадоволни кога во последниот месец исплативме 35 милиони евра субвенции. Заложба на оваа Влада е во никој случај да не се отстапи од субвенциите за земјоделците дури и во услови на најголема светска криза и сега во услови на најголема европска должничка криза не отстапуваме ниту одиме кон намалување ниту кон пролонгирање, ниту кон било што што ќе им наштети на земјодлеците кои што ги очекуваат овие средства, изјави Груевски.

Како и да се одвиваат работите во иднина, додаде Груевски, Владата нема да отстапи од субвенциите за земјоделството.

- Земјоделците треба да знаат дека не само што ги добиваат средствата за оваа година, туку може да сметаат на средства и за идната година и годината подоцна. Практично се додека е ВМРО-ДПМНЕ на власт може да сметаат дека она што е ветено во делот на субвенциите ќе го добијат, рече премиерот Никола Груевски по пуштањето во употреба на нова лабораторија на Институтот за патологија.