Груевски: Дополнителната дејност значи нов приход за лекарите

Мерката за дополнителна дејност на лекарите е одлична и ќе им помогне во јавното здравство да имаат подобра финансиска ситуација, оцени денеска премиерот Никола Груевски.

Одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на нови наслови од проектот за превод на 1000 книги, Груевски истакна дека лекарите ќе добиваат од 20 до 40 проценти од услугите кои ќе ги направат приватните пациенти и оние што ќе бидат третирани во дополнителни часови.

- Од приватните пациенти и од дополнителната дејност лекарите ќе добиваат од 20 до 40 проценти од услугите што ќе ги направат на приватни пациенти или пак на пациенти кои ќе одберат да бидат третирани во дополнителни часови, односно да одберат лекар во попладневните часови или во часовите кога лекарот не е на работа, истакна Груевски, додавајќи дека тоа понекогаш врз основа на направените пресметки во здравството може да достигне и до 24 илјади од една операција.

Лекарите ќе имаат можност до осум часа неделно да користат дополнителна дејност и 30 отсто од часовите што ги потрошиле во редовната дејност за извршување на операции. Според премиерот многу лекари ќе добијат многу повеќе од самата плата што ја земаат, преку третманот на приватни пациенти и преку дополнителната дејност.