Официјално означен стартот на изградбата на висококатниците во Аеродром

Со свечено поставување камен-темелник денеска во општина Аеродром официјално започна изградбата на кулите и трговскиот центар на „Џевахир холдинг“, инвестиција вредна околу 300 милиони евра. 

На простор од 33.000 метри квадратни ќе се гради станбен комплекс од  четири висококатници со 42 ката, секоја висока по 130 метри, со вкупно 1.376 стана  и објект што ќе претставува деловен и трговски центар со површина од 24.000 метри квадратни. Се планира градежниот простор да изнесува 280.000 метри квадратни и да обезбеди простор за живеење за околу 5.000 луѓе. Според најавите на турскиот инвеститор Ибрахим Џевахир објектот се очекува да биде готов за три години.

На поставувањето на камен-темелникот присуствуваа претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски, повеќе членови на Владата, градоначалници...

Премиерот Никола Груевски во своето обраќање рече дека градежната експанзија на Република Македонија, особено на Скопје, која почна во изминатите неколку години продолжува со уште поголема динамика. Тој нагласи оти четирите висококатници се најголемата странска инвестиција во делот на изградбата на станбено-деловни комплекси  и највисоките згради во поновата македонска историја.

- За аеродромот „Александар Велики“ во Скопје имаше многу наслови во медиумите дека нема да се реализира, како и за висококатниците дека нема никогаш да се случат, но времето покажа нешто друго, односно аеродромот е веќе изграден и се гордееме со него, а денеска официјално почнува изградбата на четири висококатници во Скопје, рече Груевски.

Ова е инвестиција на која работевме подолг период и на која вложивме голем ангажман, истакна премиерот, додавајќи дека следувале многу средби на техничко и работно ниво меѓу македонскиот и турскиот тим за реализација на инвестицијата.

- Денеска поставуваме камен-темелник на новиот комплекс и трговскиот центар во рамки на кој ќе се изградат и четири кули кои ќе имаат секоја по 42 ката. Со нивната изградба, зградата на Македонската радиотелевизија, која засега го носи приматот на највисока во државата, ќе биде приближно половина од висината со која ќе се издигнат новите облакодери, нагласи Груевски.

Новите згради, потенцираше, ќе имаат околу 1.300 станови, а целиот комплекс, покрај станови за домување, предвидува и повеќе комерцијални и деловни простории, базени, фитнес, тениско игралиште и многу други содржини. Во нив ќе живеат околу 5.000 луѓе, а се предвидува фрекфенција на плус околу 3.000 луѓе дневно.

Според претседателот на Владата, дополнителна вредност на инвестицијата дава фактот што многу професии во текот на изградбата на комплексот ќе бидат вклучени во процесот директно или индиректно. Груевски смета дека токму градежништвото во изминатите години е еден од погоните на македонската економија.

- Република Македонија и Република Турција се редок пример на вистинско пријателство и сојузништво кое се отсликува на сите полиња во општествениот живот. Еден од најсуштинските аспекти од нашето пријателство е економската соработка која повеќе години наназад бележи раст, а главни актери на ова поле се приватните компании од двете држави кои традиционално одржуваат силни релации, додаде Груевски.

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски рече дека секој почеток на проект со големина како денешниов е добар и за општината во која се гради, но и за градот и за целата држава.

- Присуствуваме на почетокот на изградбата на најголемата инвестиција во делот на градежништвото во Македонија досега со вкупно 286.000 метри квадратни. Кога се започнуваше со проектот целта беше да се направат згради повисоки од 100 метри што за град каков што е Скопје кој што се наоѓа на сеизмички предизвикувачко подрачје  е голем предизвик. Сепак, се појави инвеститор кој беше подготвен да се нафати на ваков проект и почнаа долги и комплицирани преговори, рече Пешевски.

Во преговорите, додаде тој, се увиде дека знаеме да се соочиме и да најдеме решение за сите проблеми кои се појавуваат.  

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески посочи дека денешниот проект е доказ дека секоја идеја и визија, кога се работи посветено, истрајно, напорно и со верба, може да стане реалност.

- За реализација на овој проект уште од самиот почеток Министерството за транспорт и врски даде несебичен придонес преку успешното спроведување на две јавни наддавања за отуѓување градежно неизградено земјиште со цел реализирање на урбанистичкиот план на општина Аеродром....Очекувам овој проект да се реализира во рекордно време и да ја надополни убавата градежна слика за метрополата од поново време, рече Јанакиески.

Турскиот амбасадор во Македонија Ѓурал Сокмеслер истакна дека „Џевахир холдинг“ е на самиот врв на градежниот сектор со реализираните проекти во Турција и во странство.

- Со овој комплекс ќе се придонесе кон модернизацијата на Скопје и Македонија и нејзиниот развој и унапредување. Во услови на глобална криза економските и трговските односи меѓу нашите две земији позитивно се развиваат..., рече Сокмеслер.

Претседателот на „Џевахир холдинг“ Ибрахим Џевахир посочи дека станува збор за инвестиција во вредност од околу 300 милиони евра за која на премиерот Груевски при првата средба му рекол дека може да се реализира за шест години.

- Ние сега планираме проектот да се заврши за 36 месеци, но за тоа ни треба и вашата поддршка. Знам дека нашата инвестиција е една од најголемите странски инвестиции во Република Македонија. Токму вие премиере Груевски сте главниот човек кој што успеа да ја донесе инвестицијата во Македонија, бидејќи кога помислив да дојдам да инвестирам имав некои двоумења, но при секоја средба со Вас мојата верба се зголемуваше, истакна Џевахир.