Тодоров: Ќе се набават 5.500 пижами и ноќници за сите здравствени установи во Македонија

Министерството за здравство ќе набави 5.500 пижами и ноќници за сите здравствени установи во Македонија, најави денеска министерот за здравство Никола Тодоров.

Одлуката, како што рече на денешната прес-конференција, следи по направените теренски истражувања за мислењето на пациентите, кои покажале дека тие се незадоволни од пижамите и ноќниците во болниците, имајќи предвид дека во најголем дел се стари.

- Вредноста на набавката е проценета на пет милиони денари, но ќе видиме која цена ќе биде постигната на тендерот, рече Тодоров.

Тој истакна дека на овој начин Министерството помага и во делот на текстилната индустрија во Македонија и изрази очекување дека најголем дел од македонските текстилни компании ќе учествуваат на тендерот, а нема ограничување и за учество на странски компании.

- Идејата е вакви активности Министерството да презема секои две, најмногу три години, за да може во овој дел да се подигне задоволството на пациентите кои престојуваат во болница, кои се хоспитализирани како болнички пациенти. Министерството за здравство спроведува истражувања на мислењето на пациентите и врз основа на тоа се добиваат информации кои се од круцијално значење за креирање на политиките и преземање мерки во рамки на Министерството, посочи Тодоров.

Според него, станува збор за поситни мерки кои ги презема Министерството во насока на подобрување на перцепцијата, имиџот на здравството во целина.

- Ова се надополнува на мерките кои беа во насока на повисоко ниво на одржување на хигиената или мерките во насока на набавка на болнички душеци, кревети... во здравствените установи, додаде Тодоров.