Денес во Собранието се одржа Инаугуративната седница за Интерпартиската парламентарна група за следење на Националната развојна стратегија. Со седницата претседаваше претседателот на Собранието на Македонија, Африм Гаши кој е иницијатор за формирање на Групата. На седницата покрај членовите учествуваа ко – претседавачите на Групата и координатори на пратеничките групи на ВМРО – ДПМНЕ И СДСМ, Никола Мицевски и Оливер Спасовски и генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев и постојаниот претставник на УНДП, Арменд Григоријан.
Во своето обраќање Генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев го нагласи задоволството од инцијативата:
- Со задоволство ја поздравувам иницијативата за формирање Интерпарламентарна група за следење и унапредување на Националната развојна стратегија 2024–2044, која беше усвоена од Собранието со широка политичка поддршка. Стратегијата претставува клучен документ за инклузивен, одржлив и забрзан развој на државата, усогласен со целите за членство во ЕУ и Целите за одржлив развој. Во изминатиот период, беа одржани низа состаноци на Националниот совет за развој, Управниот одбор и Работниот комитет, на кои беа разработени важни теми како владеење на правото, инфраструктура, енергетика, дигитализација, безбедност и интеграција на бегалци. Преку координација со министерствата и консултации со над 450 учесници, беа предложени 47 мерки доставени до Владата. Креиран е систем за следење преку дигитална Контролна табла на www.nrs.mk, а во соработка со МАНУ и Универзитетот од Денвер се развиваат сценарија и индикатори за оценка на напредокот. Владата ќе доставува годишни извештаи до Собранието, а се работи и на Инвестициска мапа како дел од реформскиот модел за развој. Продолжуваме со динамична имплементација, со благодарност до партнерите УНДП и Министерството за финансии на Словачка.
Во своето обраќање на претседателот Гаши подвлече дека иницијативата за формирање на оваа Интерпартиска група ја поднел воден од значењето на Националната развојна стратегија за Република Северна Македонија, обемноста на реформите кои се очекува да бидат имплементирани преку нејзина примена, клучната улога на Собранието во процесот на донесување одлуки и неговата активна вклученост во координација на процесите на државно ниво, како и надзорната улога на Собранието врз извршната власт. Нагласи дека Националната развојна стратегија е клучен стратешки документ што ја дефинира визијата за развој на државата и се темели на три национални развојни цели: зајакнување на конкурентноста на економијата, отворени модели на управување и социјална инклузија., Ова стратегија обезбедува кохезија; демографска ревитализација, социјален и културен развој; сигурно, безбедно и отпорно општество; владеење на правото и добро управување и зелена трансформација.
Ко – претседавачот Мицевски укажа дека во време на глобални геополитички, климатски и политички предизвици; брзи технолошки промени и зголемени социјални нееднаквости, Македонија заслужува е потребна јасна, инклузивна и долгорочна визија. Националната развојна стратегија е државен документ кој многу тесно е поврзан со нашата стратешка цел- интеграција во Европската Унија. Многу од приоритетите содржани во Стратегијата — владеење на правото, еколошка трансформација, дигитализација, социјална инклузија — се европски вредности и стандарди. Со оваа стратегија Македонија покажува дека е подготвена не само да се приближи до ЕУ, туку и суштински да ги имплементира европските вредности.
Постојаниот претставник на УНДП, Григоријан рече дека формирањето на оваа Интерпартиска парламентарна група е стратешки чекор што претставува силен национален консензус за важноста на надзорот, транспарентноста и инклузивното спроведување на Националната развојна стратегија. Развиена и усвоена преку широк, партиципативен процес, обединувајќи ги гласовите од сите сектори на општеството и политиката за заедничко креирање на иднината со одржливи решенија. УНДП е посветена да помогне во нејзиното спроведување преку обезбедување техничка поддршка, развој на капацитетите и ефикасно следење и усогласување со приоритетите за членство во ЕУ и Целите за одржлив развој“.
Присутните се осврнаа и на воспоставениот систем за следење на НРС преку дигитална Контролна табла на www.nrs.mk, а во соработка со МАНУ и Универзитетот од Денвер се развиваат сценарија и индикатори за оценка на напредокот. Со поддршка на партнерите УНДП и Министерството за финансии на Словачка имплементацијата на Националната развојна стратегија ќе биде имплементирана во периодот кој следи со активно учество на сите заинтересирани страни.