Митева: Оперативниот план низ 9 стратешки и добро темпирани мерки ќе допре до над 16.000 граѓани

Почитувани граѓани,

Почитувани медиуми, 

Да ви се заблагодарам за денешното присуство на оваа прес-конференција, која се однесува на две суштински мерки од Оперативниот план којшто вчера го објавивме како Влада. 

Понекогаш, најголемата инвестиција не е во бројки, туку во насоката во која како држава одлучуваме да се движиме. А кога таа насока се луѓето – тогаш тоа не е само план, туку визија.

Оперативниот план за вработување за 2025 година не е уште еден документ – тој е одговор на едно суштинско прашање:

Како да ја претвориме економската стабилност во животна стабилност?

Со рекордни 40 милиони евра, ова е најамбициозниот план досега, кој ќе допре до над 16.000 граѓани низ девет стратешки и добро темпирани мерки.

Но, зад бројките стои нешто поголемо – одлуката да водиме економска политика што почнува и завршува со граѓаните.

Во време кога довербата во институциите се гради тешко, државата е подготвена да ја покаже грижата – конкретно и мерливо.

Фокусот на денешниот прес, како што најавив, се две суштински мерки од Оперативниот план. Најпрво ќе зборувам за Поддршката за самовработување која опфаќа три категории: 

1. За невработени лица до 29 години која според проекциите, има опфат од 720 лица, а финансиската рамка е 615.000 денари неповратни средства. 

2. Втората категорија се невработени лица над 29 години која опфаќа 610 лица, а овде финансиската рамка е 430.000 денари неповратни средства. 

3. Понатаму, доаѓаме до Поддршката за вработување на здружување во друштво со ограничена одговорност, кое е предвидено да опфати 400 лица. Е сега овде ќе може да се направи разлика во однос на финансиската рамка затоа што најнискиот износ од 861.000 денари ќе се однесува на два содружника над 29 години, а највисокиот од 1.230.000 денари се однесува на два содружника до 29 години. 

Понатаму, втората мерка за која што ќе зборувам е Поддршката за креирање на нови работни места и оваа мерка опфаќа нови работни места во микро, малите и средните претпријатија и граѓанските организации. Опфатот на мерката е за 1.570 лица. 

Втората категорија тука, која што е исклучително важна да ја споменеме, е Поддршката за вработување на лица со попречености и оваа мерка опфаќа вработување на 150 невработени лица. 

Почитувани граѓани,

Овие две мерки не се само технички категории – тие се политичка одлука да ја промениме логиката на државната поддршка: од пасивна контрола на невработеноста кон активна мобилизација на талентот што го имаме, но предолго бил заборавен.

Самовработувањето не е само помош за поединецот – тоа е сигнал до целото општество дека не чекаме само инвеститори да ја спасат економијата. Ние ги охрабруваме луѓето да станат самите инвеститори во сопствената иднина.

Создавањето на нови работни места, не е само поддршка за фирмите – туку враќање на вербата дека трудот е вредност навистина што се исплати. Дека има логика во останувањето тука, во започнување на ново поглавје, во градење на нешто свое.

Оваа влада нема да дозволи повеќе ниту еден човек кој што има волја да работи, да создава, да остане тука – да биде игнориран, како што било тоа случај во минатото. 

Овој план е само првиот доказ за тоа, и уверуваме дека нема да биде последен.