Бесими: Регионалната соработка, начин за рационално и ефикасно користење на ресурсите во одбранбениот сектор

Лекциите од историјата не учат дека периодите на економската криза се можност за појава на нови идеи кои ќе ни овозможат порационално, поефикасно и поефективно искористување на ресурсите кои ќе предизвикаат значајни резултати во развојот на одбранбените способности, истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Фатмир Бесими на 29. Меѓународна работилница за глобална безбедност која се одржа денеска во Рим.

Воедно, обраќајќи се на панелот посветен на глобалната финансиска криза, илегалната имиграција и сајбер-безбедноста – лекции од Балканот и регионот на Црното Море, министерот Бесими посочи дека размислувањата на земјите од регионот одат во насока на тоа како може новиот концепт на НАТО, наречен „паметна одбрана“ да се аплицира и на регионално ниво.

Во тој контекст, министерот ги спомена иницијативите за развој на регионални центри, како АП „Криволак“, Регионалниот тренинг-центар за комуникации и Центарот за медицинска обука, а се осврна и на Балканската регионална иницијатива за противвоздушна одбрана, како прв чекор кон развојот на регионални капацитети за патролирање на воздушниот простор.

Регионалната соработка, како што истакна министерот Бесими на панелот, се огледува и во заедничкото учество во меѓународните мировни мисии, особено во силите ИСАФ во Авганистан.

На домашен план, споделени беа и искуствата и високите постигнувања во процесот на трансформација на Армијата на Република Македонија, како и целите за достигнување 50-процентна распоредливост и интероперативност на силите во меѓународни рамки.

Меѓународната работилница за глобална безбедност во Рим, каде свој придонес кон глобалната безбедност дадоа учесници од над 30 земји од Европа, Северна и Јужна Америка и Азија, и тоа министри за одбрана, началници на генералштабови како и други високи официјални лица вклучувајќи политички и воени претставници на НАТО, на ЕУ, на ООН како и претставници од областа на индустријата, се одржа под покровителство на министерот за одбрана на Република Италија, Џампаоло Ди Паола.

Работилницата е организирана во кооперација со Центарот за одбранбени иновации на италијанскиот Генералштаб и Италијанскиот воен центар за стратегиски студии.