Груевски: Унапредувањето на врските со дијаспората е меѓу приоритетите на Владата

Трета годишна конференција на иселеничките организации денеска и утре се одржува во Скопје. Конференцијата, на која се присутни претставници на иселенички организации од Европа, Австралија, Северна и Јужна Америка, денеска ја отвори премиерот Никола Груевски.

- Ваквите собири и манифестации имаат додадена вредност и претставуваат силен поттик да останеме единствени, непокорни, силни и истрајни пред предизвиците со кои се соочуваме денес, да ги потврдиме и промовираме нашата традиција и нашиот македонски идентитет и македонски јазик, рече премиерот Груевски и додаде дека интерес на Владата и натаму ќе остане зачувувањето и унапредувањето на врските и соработката со нашата дијаспора.

Тој им оддаде признание на иселениците кои низ разни форми и дејствувања работеа на зачувување на врските со својата држава, на зачувувањето и промовирањето на националниот и културниот идентитет на Македонците во светот, како и промоцијата на државните интереси на Република Македонија. Притоа ги охрабри да продолжат во таа насока, посебно сега кога Македонија се бори за своето место во развиените европски демократии и пазарни економии.

Според премиерот, овие средби претставуваат доказ за силната и нераскинлива врска на македонските иселеници со своите корени и Република Македонија, како и потврда дека контактите и соработката со македонската дијаспора може да се одржуваат и развиваат на квалитетна и продуктивна основа.

- Македонската дијаспора претставува значаен и нераздвоен дел на секоја држава. Вашата истрајност во негувањето, развивањето и афирмацијата на македонскиот национален, културен, јазичен и духовен идентитет го потврдивте во повеќе наврати преку вашите активности во бројните здруженија, црковните општини, културни друштва, хуманитарни организации, спортски клубови, играорни друштва и слични организации. Тие повеќе од сите други сведочат дека чувството за македонските корени не е ниту малку заборавено, напротив дека е широко распространето насекаде низ светот каде живеат Македонци, истакна премиерот и додаде дека негувањето и унапредувањето на врската на Македонците од дијаспората со својата татковина, како и нивната инволвираност во развојот на земјата се едни од најзначајните интереси и приоритети на Владата.

Во време кога се уште не е затворено македонското прашање, кога се уште постојат некои сили кои, како што рече, се уште се надеваат дека ќе успеат да го разнебитат чувството на македонскиот народ вашата поддршка е од големо значење. - Вие сте ослободени од стегите на секојдневието и отворено протестирате и се борите за зачувувањето на македонскиот идентитет, на македонскиот јазик, на македонската националност и уставно име, истакна премиерот Груевски обраќајќи се пред иселениците. 

Посочувајќи ги реформите што Владата ги презеде за да ја подобри бизнис-климата и да привлече странски инвеститори рече дека особено е значајна и соработката и привлекувањето инвестиции од нашата дијаспора, која има значајна улога во спојувањето на два глобални приоритета за македонската економија - поттикнувањето странски инвестиции и извозот на македонскиот производ.

- Очекуваме вие да најдете цврст економски бизнис-интерес во таквите проекти. На наша страна е да создадеме соодветна бизнис-клима. Емотивната страна во сето тоа треба да биде, условно да кажеме, некој вид катализатор. На ваша страна тоа да биде исполнување на желбата да бидете во што е можно потесен контакт со татковината, порача на дијаспората премиерот Никола Груевски.

Ова е најмасовен собир на иселеници. Како што рече директорот на Агенцијата за иселеништво Васил Наумов, присутни се 140 организации.

- Тоа претставува своевидна круна и е во насока на унапредување на врските меѓу Македонија и иселениците. Масовниот одѕив покажува дека иселениците ги препознаваат правилните политики на Владата што се однесуваат на иселеништвото, истакна Наумов, додавајќи дека најзначаен столб за зачувување на македонскиот идентитет во дијаспората е мајчиниот јазик.

Република Македонија, како што рече, има интерес иселениците да се интегрираат што повеќе во општествата во кои живеат, но и да го зачуваат својот идентитет, јазик и култура. Тој ги повика иселениците активно да лобираат за негување на јазикот.

На конференцијата која е во организација на Агенцијата за иселеништво, ќе се дебатира за мајчиниот јазик, зачувувањето на културата, државјанството, а ќе биде организиран и мини бизнис форум.