Мицкоски: Исплативме над 9 милијарди денари заостанати и тековни субвенции за земјоделците, стимулираме повисоки откупни цени

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во интервју за МРТВ „Една година Влада“ зборувајќи за состојбите во земјоделството истакна дека оваа година се исплатени над 9 милијарди денари заостанати и тековни субвенции кон земјоделците

„Ние оваа година исплативме над 9 милијарди денари. Плаќавме долгови од 2021, 2022, 2023 година. Плати три месеци доцнеа во АД Водостопанство што е суштински важно за наводнувањето. Луѓето ако немаат плати, ниту ги чистат каналите, ниту па се грижат за системот за наводнување. Калиманци празно. Калиманци наводнува од Каменичко Поле преку Кочанско поле, па се до Лозово. Празно беше Калиманци. Фала у на Бога имаше сега дождови, па негде 75-80% ќе тера. Струмичка турија исто празна“, истакна Мицкоски и додаде:

„Со правилно планирање обезбедивме доволни количини за да има убава сезона и за оризопроизводителите и за раноградинарските производи и за овоштарите“.

Што се однесува до откупните цени Мицкоски потенцираше дека за разлика од минатото кога владата се договараше со откупувачите и им дозволуваше монопол оваа влада не се додвара со откупувачите и ги притиска истите да им дадат повисоки цени на земјоделците.

„Ако забележите една работа којашто е многу важна ќе видите дека импутот е 5 пати помал од аутпутот и тоа го објавува Завод за статистика, јас ги следам тие параметри бидејќи ми се многу важни да знаеме што правиме. Тоа е важно бидејќи во аутпутот порано, ќе се договорат со откупувачите, нема да ги притискаат откупувачите, откупувачите ќе си направат своевиден монопол и ќе им понудат на земјоделците, таа е цената, ако сакаш, ако не нека ти скапува на нивата. Е ние сега обратно правиме. Ние не се договараме со откупувачите и ги притискаме за повисока цена да им дадат на земјоделците. Затоа ми се битни импутот и аутпутот. Импутот се трошоците коишто учествуваат во производниот систем на земјоделецот, а аутпутот е цената по којашто тие го продаваат производот. Според последните параметри импутот беше зголемен некаде за 2%, а аутпутот за 11% што е повеќе од 5 пати“, нагласи Мицкоски.