Чиста вода за Струга – Меџити го започна мега-проектот вреден 90 милиони денари

Министерството за животна средина и просторно планирање официјално ја започна првата фаза од реконструкцијата и замената на главната водоводна мрежа од азбестни цевки во градот Струга.
 
На настанот присуствуваше првиот потпретседател на Владата и министер за животна средина, г. Изет Меџити, кој истакна дека овој проект претставува значаен чекор во насока на заштита на јавното здравје и подобрување на условите за живот на граѓаните.
 
„Само во првата фаза ќе се инвестираат околу 90 милиони денари, односно 1,5 милиони евра, со кои ќе се подобрат хигиенските услови и ќе се намали ризикот од штетни азбестни влакна. Оваа интервенција е дел од нашата стратешка заложба за здрава животна средина“, изјави министерот Меџити.
 
Реконструкцијата ќе трае 12 месеци и ќе опфати 6,2 километри водоводна мрежа, вклучително и главната улица и 13 краци низ урбаниот дел на Струга.
 
‘Проектот има за цел заменa на старите и ризични цевки со безбедни, современи материјали, унапредување на водоводната инфраструктура, подобрување на ефикасноста и капацитетот на системот за водоснабдување’изјави вицепремиерот Меџити.
 
Оваа инвестиција е само дел од пошироката визија за одржлива урбана средина, со фокус на јавно здравје, безбедна вода и модерна инфраструктура, додаде Меџити.