Мицкоски: Ќе продолжиме да ги следиме европските вредности не затоа што тоа ни го наложува некој, туку затоа што тоа е нашиот пат и избор

Почитувана г-ѓа Марта Кос,

Почитувани новинари,

Почитувани пријатели,

Денес сме тука, во Скопје, не само како домаќини, туку и како партнери и сојузници на една заедничка визија. Визија за регион што не се дефинира преку своите проблеми, туку преку своите можности. Визијата за Западен Балкан кој се приближува кон Европската Унија не со зборови, туку со дела. Со реформи. Со резултати. Со интеграција што се чувствува во секојдневниот живот на граѓаните.

Фактот што сме домаќини на овој лидерски самит е важна симболична потврда за нашата регионална и европска релевантност.

Тоа не е случајност. Тоа е резултат на политичкиот капитал кој го вложивме во стабилноста, реформите и конструктивниот пристап.

Ова е признание за улогата што нашата држава ја има во градењето мостови и создавањето решенија.

На денешните разговори се фокусиравме на реализација на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој претставува историска шанса за сите нас.

Тоа е механизам кој ни овозможува не само пристап до инвестиции и фондови, туку и мотивирачка рамка за унапредување на владеењето на правото, ефикасноста на институциите и економската конкурентност.

За нас, овој план не е формалност. Тоа е алатка преку која ќе ја трансформираме земјата. Ќе ги модернизираме јавните услуги, унапредиме образованието. Ќе инвестираме во енергетска и дигитална инфраструктура. Ќе ја направиме татковината вистински европски дома – пред да стане формално дел од ЕУ.

Но исто така, сакам да бидам јасен дека нашите чекори по европскиот пат се со отворено срце и разум. Со прифаќање на европските вредности.

Меѓутоа се противиме на уцените кои не се дел од тие вредности.

Не прифаќаме наметнувања под маска на европскиот процес.

Европа е дом на правото, на правдата, на достоинството. Тоа се вредностите што ги прифаќаме – сè друго е туѓо за Европската Унија, и туѓо за нас.

Почитувана г-ѓа комесарка Кос,

На овој самит нашата држава влегува како држава со јасна насока.

Нашите реформи не се декорација. Тие се потреба.

И ние нема да чекаме некој да нè турка. Ќе се движиме самите, со сопствената волја,со конкретен план и со јасна визија.

Испорачуваме резултати, не затоа што тоа некој го бара од нас, туку затоа што тоа го заслужуваат нашите граѓани.

Ќе продолжиме да ги следиме европските вредности не затоа што тоа ни го наложува некој, туку затоа што тоа е нашиот избор и веруваме во тоа. Нашиот пат. Нашата определба.

И затоа, благодарни сме за поддршката од Европската комисија, но уште повеќе сме решени сами да си помогнеме, да ги спроведеме реформите и да ја трансформираме земјата.

Со инвестирање. Со работа. Со доверба во сопствени сили и со партнерство со ЕУ.

Ви благодарам за Вашата лична поддршка и поддршката на Европската Унија, што ја дава за Западен Балкан.