Северна Македонија стана првата земја во регионот што ги реши сите познати случаи на бездржавјанство произлезени од распадот на СФР Југославија. Благодарение на континуираните напори предводени од Министерството за внатрешни работи и Парламентот, последните 317 лица кои живееја во правна несигурност од прогласувањето на независноста на државата, сега се стекнаа со државјанство. За првпат, тие ќе уживаат целосни права и заштита што им се гарантира на граѓаните на Северна Македонија. Овие напори доаѓаат кратко време откако УНХЦР минатата година одбележа 30 години присуство во Северна Македонија, кога регионалниот директор на УНХЦР за Европа, Филип Леклер, ги повика властите да ги преземат последните чекори за решавање на сите преостанати случаи на бездржавјанство како последица на распадот на поранешна Југославија. „Никој не треба да остане без државјанство, и заедно можеме да обезбедиме секое лице во оваа земја да има правен идентитет и место каде што припаѓа.“ – изјави тој.
Ова историско достигнување претставува кулминација на еден 34-годишен процес, воден од инклузивен пристап кој ги вклучи Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците при Собранието, Министерството за внатрешни работи и неговите клучни сектори, вклучително и Секторот за државјанство, Секторот за странци, Секторот за лични документи, како и Управата за водење на матичните книги.
Нивните напори, поддржани од УНХЦР, други агенции на ОН, Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Советот на Европа (СЕ) и Делегацијата на Европската унија (ДЕУ), значително го поттикнаа напредокот на земјата во справувањето со бездржавјанството.
Од 2001 година досега, речиси 20.000 лица без државјанство стекнале државјанство во Северна Македонија.
Во целиот свет, најмалку 4,4 милиони луѓе остануваат без државјанство.
Високиот комесар на Обединетите нации за бегалци, Филипо Гранди, ја поздрави постигнатата цел на Северна Македонија:
„Ова е една од најсилните иницијативи во Европа и, навистина, во целиот свет. Разбирам дека Северна Македонија сега се наоѓа на прагот на целосно искоренување на бездржавјанство. Ви благодарам за вашата посветеност, за тоа што го споделивте овој напредок со нас и за тоа што сте шампион во Глобалната алијанса.“
УНХЦР и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, исто така, го поздравуваат континуираниот ангажман на земјата за решавање на 168 преостанати познати случаи, кои, иако не се апатриди како последица на распадот на Југославија, никогаш не добиле изводи од матична книга на родените.
Нивниот статус моментално се разгледува, додека властите активно работат на пронаоѓање соодветни решенија.
Како дел од долгорочната стратегија за спречување на бездржавјанството Северна Македонија го зајакна членот 4а од Законот за матична евиденција, гарантирајќи дека секое дете ќе биде евидентирано при раѓање, без разлика на правниот статус на родителите.
Само во 2024 година, властите идентификуваа 675 деца во ризик од апатридија поради неевидентирање на раѓањето.
Благодарение на проактивната соработка меѓу УНХЦР, Здружението на млади правници на Македонија и националните институции, 358 од овие случаи се успешно решени, означувајќи значаен чекор напред кон систематска и навремена евиденција на раѓањата.
Габриел Гуалано де Годој, претставник на УНХЦР во Северна Македонија, изјави: „Во текот на 93 години, Ружа ја носеше врз своите плеќи тежината на распаднати држави и нови идентитети кои се раѓаа – сето тоа без ниту еден документ што би го потврдил нејзиното постоење. Нејзините треперливи раце, додека конечно го добиваше личниот документ, се моќен доказ за длабокото влијание што апатридијата може да го има врз човечкиот живот.
Ружа чекаше речиси еден век само за да почувствува дека припаѓа некаде.
Денес им честитам на властите на Северна Македонија за преземањето на водечка улога како првата земја што ги реши сите познати случаи на апатридија што произлегуваат од распадот на поранешна Југославија, и ја изразувам мојата искрена благодарност до нашите партнери и донатори, чиишто поддршка ја направи оваа пресвртница можно реалност.’’
Заменик на претседателот на Владата за политики на добро владеење, Арбен Фетаи, изјави: „По три децении неправда, Северна Македонија ја сврте страницата на историјата, ставајќи крај на бездржавјанствто за стотици луѓе родени и израснати во оваа земја. Денес, со гордост велиме: сите оние кои живееја како невидливи, конечно добија име, идентитет и права. Победата над бездржавјанствт е доказ дека правдата не е илузија – таа е можна кога постои политичка волја, меѓународна соработка и непоколеблив активизам. Овој момент ја претвора земјата од ѕид што разделува – во засолниште за секој граѓанин.“
По повод ова важно постигнување, Заменик на министерот за внатрешни работи, Астрит Исени, изјави: „Државјанството е едно од основните човекови права и претставува правна основа за голем број други граѓански права и слободи; тоа ја означува правната врска помеѓу едно лице и државата, без оглед на начинот на негово стекнување, и не ја одредува етничката припадност на граѓанинот.“
Сузан Пенкса, заменик-шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, изјави: „Денешниот напредок претставува доказ за нашата заедничка посветеност кон изградба на општество засновано на правда, еднаквост и почитување на човековите права.
Сепак, додека ги славиме денешните достигнувања, мораме исто така да признаеме дека работата сѐ уште не е завршена. Бездржавјанството и понатаму ги засега и други групи во земјата, особено во рамки на ромската заедница.
Многу Роми сѐ уште се соочуваат со пречки при добивање на лична документација, а ромските деца продолжуваат да се раѓаат без државјанство. Ова е сериозно прашање што бара итно внимание. Правото на државјанство е јасно загарантирано во обврските на ОБСЕ, вклучувајќи го Хелсиншкиот документ од 1992 година, Истанбулската повелба за европска безбедност од 1999 година и Акцискиот план од Мастрихт за Ромите и Синтите од 2003 година.
Овие обврски нагласуваат дека никој не смее да биде произволно лишен од државјанство и ги повикуваат земјите - учеснички да преземат проактивни чекори за спречување и решавање на апатридија.
Да не заборавиме: лицата без државјанство не се невидливи – тие се наши соседи, наши пријатели и дел од нашите заедници.
Изјавите од властите ја истакнаа вредноста на лидерството на Северна Македонија во справувањето со бездржавјанството и нејзината континуирана посветеност на зачувување на постигнувањата. Земјата го зајакнува и прилагодува правниот рамка со заштитни мерки за да обезбеди никој да не остане без државјанство во иднина.
Ова достигнување не е само национален успех — туку претставува светски пример за тоа како цврста политичка волја, хуманитарна посветеност и меѓународна соработка може да ја искоренат состојбата на бездржавјанство.