Подобрување на енергетската ефикасност во училишта и градинки во пет општини
Девет училишта и четири градинки од општините Чаир, Желино, Конче, Валандово и Гевгелија до 1 септември годинава ќе добијат термо фасада, топлинска изолација на покривот и нов систем за централно греење и ќе им бидат сменети и осветлувањето, прозорците и надворешните врати.
Тоа, како што најави министерот за економија Ваљон Сарачини на денешната прес-конференција, ќе се реализира во рамките на втората фаза од Проектот за одржлива енергија што се реализира со грант од 5,5 милиони долари добиени од Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ). Администратор на проектот е Светска банка.
- Проектот предвидува спроведување на мерки за енергетска ефикасност во јавните згради, односно во училишта и градинки. Втората фаза е во вредност од два милиони долари и ќе се реализира со ко-финансирање од по еден милион долари од Министерството за економија и општините. Административните процедури се веќе завршени и во наредните денови треба да почнат и градежните работи што целосно треба да завршат до 1 септември, рече Сарачини.
Во првата фаза од проектот, како што истакна, беа реконструирани 13 училишта и пет градинки во општините Боговиње, Гази Баба, Зајас, Чешиново-Облешево, Кисела Вода и Кавадарци со грант во вкупен износ од 1,5 милиони долари.
- Изведбените работи почнаа лани во октомври, а завршија годинава во април и мај. Со работите од правата фаза околу 1.500 деца и наставнички кадар ќе имаат подобри услови за настава и работење, рече Сарачини.
Со рекнструкцијата, потенцира, значително ќе се намали и потрошувачката на електрична енергија.
- Вкупните заштеди од правата фаза од овој проект ќе изнесуваат околу 180.000 долари годишно, односно по 30.000 долари по општина во просек. Тоа значи дека инвестираните средства ќе се вратат во рок од седум години, појасни Сарачини.
Беким Имери од Канцеларијата на Светска банка во Македонија посочи дека подобрувањето на енергетската ефикасност во јавните објекти покрај заштедата на електрична енергија придонесува и за намалување на стакленичките гасови во атмосферата, како и за подобрување на работната атмосфера за децата.
- Општо е докажано дека подобрувањето на работните услови на децата во училиштата овозможува постигнување на подобри резултати во образованието, рече Имери.
Се надевме, додаде, дека мерките за подобрување на енергетската ефикансост во училиштата и градинките се воведе во Националната програма за енергетска ефикасност во јавните објекти која активно ја подготвува Министерството за економија во соработка со Светска банка.
- Логично беше пилот мерките од програмата да се почнат во образованието поради тоа што околу 62 отсто од сите јавни објекти спаѓаат во секторот образование и на нив отпаѓа околу 65 отсто од потошената енергија, потенцира Имери.