Мицкоски на Меѓународната конференција за регионален развој

Почитувани претставници на локалната самоуправа,
почитувани министри и директори,
градоначалници, експерти,
претставници на меѓународните организации,
почитувани гости, драги пријатели,

Со особена чест и чувство на одговорност, денеска се обраќам на конференција што ја отвора суштината на едно големо прашање:
Како да ја обликуваме иднината во време кога се се менува побрзо од кога било?
Живееме во свет што станува се подинамичен, понекогаш непредвидлив, исполнет со глобални предизвици, но и со големи можности. Во таков свет, секоја држава мора да го постави својот модел на развој. А најсилни ќе бидат оние што ќе изградат силни локални заедници.
Иднината, почитувани, не започнува глобално и централно,
Иднината започнува локално.
Започнува со изградена улица во едно село.
Со нова водоводна мрежа.
Со реновирано училиште во рурална општина.
Со локална економија што добива ветер во грб.
Тоа се темелите на стабилна и успешна држава.
Затоа, како Влада, уште од првиот ден си поставивме една јасна цел: да ја вратиме државата во служба на граѓаните, но и во служба на локалниот развој. Затоа што развојот не смее да зависи од географија, политичка припадност или медиумска експонираност, туку од реалните потреби на луѓето.
Токму затоа, го распишавме јавниот повик за аплицирање за инвестиционата линија што Владата ја обезбедува за капитални проекти на општините во износ од 250 милиони евра. Денес можам да соопштам дека во рамките на овој повик се утврдени вкупно 829 локални проекти од целата држава.
Проекти чија вкупна вредност изнесува речиси 14 милијарди денари.
Станува збор за најголема досега директна поддршка од националниот буџет за локалниот развој.
Од овие проекти, 590 се од областа на транспортот и инфраструктурата – нови улици, локални патишта, мостови, плоштади, јавни површини.
А 143 проекти се насочени кон животната средина – канализациски мрежи, водоводи, прочистителни станици, зелени површини, мерки за енергетска ефикасност.
Секоја општина добива шанса.
Секој град и секое село добива можност да се развива.
И тоа не е случајно.
Тоа е резултат на системски пристап и јасна визија.
Во оваа насока, ја зајакнавме и улогата на Советот за рамномерен регионален развој. Советот денес има клучна координативна функција и овозможува подобро и поправедно распределување на буџетските средства – врз основа на реални теренски анализи, потреби и локални стратегии.
Создаваме механизам за координирано и стратешко инвестирање во сите делови на државата – рамноправно, без политички разлики, со фокус на граѓанинот и иднината.
Во оваа заедничка мисија, не сме сами.
Дозволете ми да упатам посебна благодарност до сите наши меѓународни партнери – до Европската Унија, Обединетите Нации, Светската банка, Швајцарската и Германската развојна соработка, УСАИД и многу други.
Вашата поддршка не е само финансиска.
Таа е вредносна.
Таа е во знаење, искуство и визија.
Благодарение на вас, денес многу општини имаат стратегии, таму каде што пред десет години имале само проблеми.

Регионалниот развој не е дополнителна обврска.
Регионалниот развој е предуслов за стабилност.
Предуслов за еднаквост.
Предуслов за вистински европска Македонија.
Нема Европа дома ако целата економија не се врти околу сите општини околу сите населени места, Денеска за жал сето она кое што го гледаме во најголема мера се врти околу еден град, а остатокот од државата живее со тешкотии. 
Затоа мораме да го скратиме развојниот јаз меѓу регионите. Да изградиме држава во која секој има еднаква шанса, без разлика каде е роден и каде живее.
Затоа велиме: Ги градиме темелите на промените – за времето кое за вас доаѓа.
Ова не е само порака.
Ова е обврска.
Ова е секојдневна работа – на терен, во институциите, во партнерство со вас.
Со секој нов локален проект.
Со секоја отворена детска градинка.
Со секој поддржан земјоделец или занаетчија.
Со секоја нова инфраструктура во урбана или рурална средина – ние градиме иднина.
Ќе завршам со една порака што ме води од првиот ден:
Државата не се гради од центарот кон периферијата. Државата се гради од темелите нагоре.
А тие темели се во секоја општина, во секоја локална заедница, во секој дом.
Со таа визија, со таа решителност и со таа партнерска енергија ќе продолжиме напред.
За силна локална самоуправа.
За праведна држава.
За модерна Македонија.
Ви благодарам.