Дурмиши во Куманово: Со мерки од Оперативниот план креираме активна економија

Министерот за економија и труд, г. Бесар Дурмиши, денеска присуствуваше на јавната презентација на Оперативниот план за вработување 2025 во Куманово, во организација на Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување. Настанот го привлече вниманието на бројни граѓани, млади лица, компании и претставници на локалните институции, кои покажаа сериозен интерес за државната поддршка за вработување и економски напредок.

„Ние не нудиме декларативни ветувања, туку конкретни алатки за промена. Инвестираме 40 милиони евра во активни мерки кои треба да им помогнат на граѓаните да останат тука, да напредуваат и да го реализираат својот потенцијал“, истакна министерот Дурмиши.

Планот за 2025 година предвидува инвестиција од 40 милиони евра, насочена кон повеќе од 10.000 граѓани, а досегашниот одѕив покажува дека мерките веќе го даваат посакуваниот ефект.

Во Куманово беа промовирани и двете тековно отворени мерки:

Мерка 5 – Практикантство, со јавен оглас што трае од 1 до 31 јули 2025, наменет за правни и физички лица. Преку оваа мерка, 1.352 млади до 29 години ќе се стекнат со практично искуство, со месечен надомест од 12.000 денари во траење од три месеци.

Мерка 3.1 – Обука на работно место кај познат работодавач, со оглас што трае до 30 ноември 2025, која овозможува директно поврзување на граѓаните со компании кои реално бараат кадар.

Дополнително, министерот потсети на веќе завршените мерки од планот:

Субвенционираното вработување за микро, мали и средни претпријатија, со над 2.000 апликации, што покажува голем интерес и доверба од страна на бизнис заедницата.

Финансиската поддршка за започнување сопствен бизнис веќе е затворена со над 6.000 апликации, а во тек е селекцијата на корисниците.

„Овие бројки се доказ дека граѓаните препознаваат кога државата сериозно инвестира во нив. Зад секоја апликација стои идеја и надеж, а наша должност е да ги поддржиме тие одлуки со конкретна поддршка“, изјави Дурмиши.

 

Настанот во Куманово е дел од поширока теренска кампања на Министерството и Агенцијата за вработување во општини со висока стапка на невработеност. Целта е јасна – мерките да допрат до секој граѓанин, директно и ефикасно.