Груевски: Во следните три години ќе исплатиме нови 425 милиони евра

Владата е сериозен, сигурен и докажан партнер на земјоделците. Тоа ќе продолжи да биде и во иднина. Следните 3 години, од 2013 до 2015 година, е предвидено да се исплатат дополнителни 425 милиони евра за субвенции во земјоделството. Со тоа, како што соопшти денеска премиерот Никола Груевски, ќе се отворат нови можности за земјоделците, за оние кои и сега стопанисуваат, но и за многу други луѓе кои со владината поддршка можат да најдат сигурен извор на приходи занимавајќи се со оваа дејност.

Според Груевски, во периодот од 2006 до 2015 година ќе бидат исплатени приближно 950 милиони евра.

- Тоа е сериозен план, заокружен и проектиран циклус, процес што ќе донесе нов квалитет, нови можности и за граѓаните и за бизнисот и општо за Република Македонија. На овој начин, освен што вложуваме во оваа битна стопанска гранка, инвестираме и во достоинствен и попросперитетен живот на нашите производители на храна, земјоделците, посочи премиерот.

Владата, додаде, ќе го продолжи сериозниот, посветен и пред се  партнерски однос со земјоделците.

- Тие секогаш ќе ја имаат нашата поддршка зашто тоа со својот труд и ангажман го заслужуваат, напомена Груевски.