Министерот за здравство, Азир Алиу заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денес ја посетија Клиниката за урологија, по повод извршена реконструкција на оваа установа.
Продолжуваме со уште една клиника, тука сме денеска на Клиниката за урологија, која инфраструктурно изгледа според сите европски стандарди. Исто така, од техничка гледна точка инфраструктурата, технологиите и методологиите се во склад со потребите на пациентите и со европските протоколи. Чекор по чекор, здравството е се поблиску до секој граѓанин. Чекор по чекор здравството станува европско и се надевам дека за кратко време ќе презентираме и други клиники, и друга инфраструктура. Овде, покрај нова инфраструктура, веќе се вработени 20 стручни лица кои ќе бидат дел од клиниката, посочи министерот Алиу при посетата.
Директорот на Клиниката за урологија, д-р Башким Шабани истакна дека станува збор за инвестиција во вредност околу 300 илјади евра наменета за реновирање на клиниката.
Воведовме и две нови хируршки методи, со што ние практично нема да имаме потреба да праќаме пациенти за лекување во странство.
Сега сме во фаза на реновирање на Центарот за трансплантација, како и на Центарот за калкулоза за третман на уринарни камења, заклучи д-р Шабани.