Ставрески: Интересот голем за средствата од кредитната линија од ЕИБ

Македонските компании со голем интерес за средствата од новата кредитна линија од 100 милиони евра од Европската инвестициска банка што ја обезбеди Владата на Република Македонија. Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески рече дека во една или две од деловните банки во кои се поднесуваат барањата за кредит, има интерес за кредити во вкупен износ од по 10 милиони евра.

- Банките се уште се во фаза на разгледување на поднесените барања и се очекува првите кредити да бидат одобрени на средината на август, рече министерот одговрајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Кредитната линија од ЕИБ е достапна од 10 јули годинава. Компаниите може да поднесуваат барања во Стопанска банка Скопје, НЛБ Тутунска банка, Комерцијална банка, Охридска банка, Шпаркасе банка, Стопанска банка Битола, Прокредит банка, ТТК Банка и Халк Банк. Може да се поднесуваат за ликвидни средства и за инвестициски проекти.