Стартува проектот „Мешани патроли“, родителите заедно со полицијата ќе ги контролираат своите деца по кафулињата и дискотеките

Од овој викенд, 20, 21 и 22 јули, во Куманово, Струмица и Штип стартува реализацијата на проектот „Мешани патроли“ што го реализира МВР, а кој предвидува родителите на малолетниците заедно со полицијата да прават обиколка на најпосетуваните кафулиња и дискотеки.

Како што соопшти МВР, целта на проектот е родителите, врз основа на полициските практики и искуства, да се информираат како пороците (дрогата, алкохолот, цигарите) најчесто стануваат дел од социјалното поведение на нивните деца и како да ги препознаат и превенираат ризиците од појава на девијантност на кои се изложени децата кои во летниот период поради повеќе слободно време се дружат и излегуваат поинтензивно, на различни места, кафулиња, летни дискотеки, отворени простори како што се градските паркови, училишни дворови.

Таканаречените „мешани патроли“ ќе одат во местата за ноќна забава, особено во петоците и саботите.

Согласно една од приоритетните цели на проектот, промовирање и зголемување на квалитетот на односите меѓу полицијата и граѓаните и подигање на свеста кај родителите за потенцијалните ризици врз малолетниците, родителите ќе бидат информирани и околу нормативите особено од сферата на нарушувањето на јавниот ред и мир во која малолетниците се една од најчестите старосни групи на прекршители.