Министерството за спорт ги награди македонските одбојкари со 3.000.000 денари за пласманот на ЕП 2026

Министерството за спорт додели премија од три милиони денари за машката одбојкарска репрезентација на Македонија која обезбеди пласман на Европското превенство 2026.

Со убедлива победа против Грузија (3:0), најдобрите македонски одбојкари вчера во Скопје го заверија настапот на Евроволеј 2026 и го потврдија континуитетот на успеси. За нашата репрезентација ова ќе биде четврто европско првенство по ред, по настапите на континенталните собири во 2019, 2021 и 2023 година.

-Ви благодариме за сè што правите за Македонија. Министерството за спорт секогаш ќе ги поддржува успешните федерации и успешните приказни во спортот. Го прифативме предлогот на претседателот на ОФМ, Петар Јовановски, и за овој пласман репрезентацијата ќе добие премија во висина од три милиони денари - рече министерот Борко Ристовски, честитајќи им ја победата на одбојкарите.

Македонија на Европското првенство 2026, кое ќе се одржи во Бугарија, Финска, Италија и Романија, оди како една од петте најдобри второпласирани селекции во квалификациите.