Во Македонија 350 лица незапишани во матичните книги на родени

Во Македонија досега се пронајдени 350 лица незапишани во матичните книги на родени, а МВР и Управата за водење на матичните книги од нив има обработено 120 предмети, информира на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Тој образложи дека лицата кои не поседуваат документи за лична идентификација и од тука не можат да ги остварат своите права, најчесто се лица жители на државата и припадници на етнички малцинства, меѓу кои најголем процент или 95 отсто се Роми.

- Проблемот на пристапот на граѓаните до документи за лична идентификација, воочен од Владата почна да се реализира изминатиов период, при што се постигнати резултати. Во соработка со МТСП, МВР, Управата за матична евиденција, ромските невладини организации, информативните центри, со помош на мобилните тимови се детектираа 350 лица во Република Македонија кои по ниту еден основ немаат стекнато право на државјанство и немаат документ за лична идентификација, рече Ристовски.

Од овие 120 предмети, за 20 случаи се поднесени барања до Управата за водење на матичните книги за упис на лично име. Од нив позитивно се решени 14 случаи, за останатите шест постапките се во тек.

За 10 случаи, како што информира Ристовски, се поднесени барања за издавање и издадена е лична карта. Четириесет и три случаи се соочуваат со проблем со нерегулиран престој за мајките. Во најголем број случаи, како што рече, мајките се српски или косовски државјанки. Од нив за 27 случаи потребно е да се изврши ДНК анализа. Осум случаи се чисти за ДНК анализа и се во фаза на реализација.

Според Ристовски, за 28 лица спорни се адресите на живеење на лицата поради што не може да им се издадат лични карти и тие ќе бидат регулирани врз основа на престојувалиште.

- За два случаи потребно е да се поведе судска постапка за поништување на упис бидејќи мајките е констатирано дека се породени со туѓи здравствени книшки и други лица се запишани како мајки на деца. За овие случаи потребно е да се изврши ДНК анализа, рече Ристовски.

Врз девет случаи од Центрите за социјална работа потребно да им се одреди старател бидејќи мајката на детето најчесто е малолетна или е незапишана, а има и случаи кога родителите се починати.

Ристовски истакна дека за околу 70-тина случаи ќе треба да се реализира ДНК анализа.

- МТСП изминатиов период обезбеди средства во висина од 430 илјади денари за покривање на трошоците за ДНК анализа. Со помош на овие средства, граѓаните кои не се запишани и немаат лични документи целокупниот товар за ДНК анализа ќе го преземе државата, преку МТСП. Со ова јасно покажуваме дека нашата основна цел е да се идентификуваат овие лица и да се добијат документи за идентификација за регулирање на нивниот престој и остварување на сите права кои им припаѓаат, рече Ристовски.

Тој најави дека и понатаму Владата и Минстерството за труд и социјална политика ќе продложат да го регулираат овој проект.