Груевски: Бранко падна на ниско дереџе, не може да го избегне поразот

На изјавата на лидерот на СДСМ дека коалицира со своите поранешни политички противници за да ја спаси Македонија од „дереџето и сиромаштијата“, премиерот Никола Груевски реагираше дека токму во времето на Бранко Црвенковски од 1992 до 1998 година сиромаштијата влегла на голема врата во Македонија.

- Црвенковски не само што не ја реши, туку и ја донесе сиромаштијата. Нема еден човек во Република Македонија што верува дека Бранко ќе ја реши сиромаштијата. Мислам дека Наташа и Шема не веруваат во тоа, изјави Груевски по посетата на Пелагонискиот регион.

Додаде дека претседателот на СДСМ се здружува со луѓе за кои до вчера, како што рече, зборувал се најлошо - дека се први непријатели на Македонија, дека работат против државните интереси, дека лажат, крадат и се корумпирани.

- Сега ги зема со себе и се здружува и тој треба да се праша до кое дереџе дошол кога се здружува со Љубчо и Тачи и со кој ќе стигне за да му го држат стравот за полесно да му биде кога ќе загубат на наредните избори, рече Груевски.

Тој го отфрли тврдењето на сопругата на Љубе Бошкоски, Виолета, дека ВМРО-ДПМНЕ понудила 100.000 евра за трансфер и згаснување на Обединети за Македонија.

- Тоа не е точно. Никогаш не сме понудиле такво нешто. Тоа е лага, рече Груевски одговарајќи на новинарско прашање.