Почитувани претставници на медиумите, почитувани граѓани,
Денеска сакам да зборуваме за една исклучително важна тема и да дадеме јасна слика околу состојбата со споменикот „Македониум“ – симбол на нашата историја, државност и културен идентитет.
Реконструкцијата на „Македониумот“ започна пред повеќе години и требаше да биде завршена во 2017 година. Со симнувањето на скелето од страна на претходната власт токму таа година, процесот беше насилно прекинат и оставен без потребна заштита. Од тогаш до денес, цели седум години не било преземено ништо за негово завршување и заштита. Тој застој, создаден во минатото, остави длабоки последици врз состојбата на овој значаен културен споменик.
Важно е граѓаните да знаат дека денешната состојба не е резултат на негрижа од актуелната Влада, туку на долгогодишно одлагање и непостапување во изминатите години. Како и за многу други состојби коишто ги затекнавме при преземањето на власта, така и за оваа нема да бараме оправдувања, наша обврска е да го исправиме тоа.
Свесни за културната и националната важност на „Македониумот“, Владата, преку Министерството за култура и туризам и во соработка со националната установа Завод и музеј Прилеп, веќе презема конкретни и одговорни чекори. За оваа година е обезбеден проект за интервентна заштита во вредност од 2,5 милиони денари, кој ќе биде реализиран до крајот на 2025 година. Паралелно на ова, НУ Завод и музеј Прилеп работи на проект за целосна реконструкција и конзервација на целиот комплекс. Овој проект ќе биде финализиран до средината на 2026 година, по што Министерството за култура и туризам ќе ја утврди динамиката и планот за финансирање на целосната реконструкција.
Би сакала да потенцирам дека „Македониумот“ е уникатен архитектонски и уметнички објект, создаден со бетон, витражи и специфични материјали што бараат врвна стручност. Затоа и дел од експертизата ќе ја обезбедиме од странство, за да гарантираме дека ова културно наследство ќе биде трајно заштитено.
„Македониумот“ нема да биде оставен да пропаѓа. Ќе го реконструираме, ќе го сочуваме и ќе му ја вратиме заслужената слава. Овој споменик не е само културна вредност, туку е дел од нашата национална меморија и идентитет, и како таков ќе биде пренесен на идните генерации.