Мицкоски: „Македонско најдобро“ е кампања за поттик на домашното производство

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа што е суштината на кампањата „Македонско најдобро“ за купување на македонски производи, изјави:

„Па „Македонско најдобро“ е патриотска кампања. Македонска кампања, на македонските граѓани, кампања за да сите купуваме македонско затоа што е навистина најдобро. Тоа е суштината на таа кампања.

Да го поттикнеме македонското производство, преработувачката индустрија и јас сум многу среќен, што главен двигател на растот на индустриското производство, понатаму и на домашното производство е токму растот на преработувачката индустрија. Тоа е целта.

Сакаме на граѓаните да им кажеме дека македонското е најдобро. И сите да се ориентираме кон македонското. Сите да си се посветиме на македонските езера, на македонските планини, на македонските села, на македонското вино, сирење, кашкавал, месо, преубави се и сè останато. Еве да се обидеме сите тоа да го правиме и да видите како сè ќе биде поинаку и другите повеќе ќе нè ценат.“