Министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, денеска извршија увид во градежните активности на реконструкција и адаптација на оперативниот блок и интензивната нега во ГОБ „8 Септември“, Скопје.
Во здравствениот сектор имаме инвестициски бум во инфраструктура, технологии, човечки ресурси, затоа што ние веруваме дека со зајакнување на овие три столба ќе ги подобриме здравствените услуги за граѓаните. Денеска видовме инвестиција од 12 милиони евра, од кои 750 метри квадратни се операциони сали. Станува збор за седум операциони сали, од кои едната е за роботска хирургија, за првпат во нашата држава. Исто така и 500 метри квадратни за лаборатории со најнови технологии. Ценам дека овој пристап ќе придонесе кон европско здравство каде услугите ќе бидат дадени во реално време и квалитет според строги протоколи, истакна министерот Алиу.
Со оваа значајна капитална инвестиција значајно ќе се подигне степенот на пружање здравствена заштита, во најмодерни услови по најсовремени европски и светски стандарди. Предвидени се седум нови операциони сали со површина од 750 м2, од кои две за абдоминална хирургија, две за уролошка интервенција, две за уво нос и грло, и една за очна хирургија. Проектот предвидува и нова апаратура со најсовремени болнички услови за пациентите и здравствените работници, а целосно ќе се санира и кровот на болницата.
На одделот за интензивна нега на површина од 500 метри квадратни предвидени се седум целосно опремени боксови за пациенти со најсовремени кревети, линиски поставени со централно мониторирање од страна на медицинскиот персонал, биохемиска лабораторија, микробиолошка лабораторија и патолошка лабораторија.