Груевски: Дуплиран извозот на земјоделски производи, субвенциите даваат резултат

Оценувајќи ги генералните ефекти од субвенциите и другите мерки во полза на земјоделството, претседателот на македонската влада Никола Груевски, денеска во Пелагонија истакна дека е задоволен од преземените мерки, бидејќи истите даваат резултати.

- Во 2006 година извозот на земјоделски производи од Македонија беше во вредност од 240 милиони, минатата година извозот на земјоделски производи од Македонија достигна 470 милиони евра, а оваа година очекуваме над 500 милиони евра од извоз на земјоделски производи, посочи премиерот Груевски.

Според првиот човек на македонската Влада, земјоделците се повеќе се охрабруваат да инвестираат, да ги зголемуваат обработиливите површини и да ги користат владините мерки и поволности за агро-секторот.

- Земјоделците се охрабрија. Ја видоа поддршката и помошта од Владата и затоа влегоа во поголеми инвестиции. Им помагаме во разни форми, барана е т.н. помош „50-50“, односно кога некој ќе купи одредена механизација, 50 отсто од средствата да им бидат вратени, земјоделците се определуваат да произведат повеќе и да извезат повеќе и затоа во Македонија земјоделството има голем напредок, нагласи Груевски.

На средбата со новинарите, претседателот на Владата потврди дека годинава Македонија има двојно поголем девизен прилив отколку во 2006 година и што е најважно, истакна, Владата е посветена и има одлична комуникација и соработка со земјоделците.