Груевски: НБРМ потврди дека имаме добри макроекономски движења

Во услови на криза во еврозоната и претходно за време на светската економска криза најголема во последните 80 години, Македонија е меѓу европските земји што успеа да ја задржи стабилноста во макроекономските движења, а тоа го потврди и гувернерот на Народната банка на Република Македонија, рече премиерот Никола Груевски.

- Имаме рекордни историски највисоки девизни резерви од две милијарди и 70 милиони евра и сме четврта најмалку задолжена земја во Европа. Имаме стабилен денар и здрав банкарски систем кој не доби сериозен удар од случувањата во Европа и светот за разлика од многу други држави каде што многу банки пропаднаа или беа спасувани од државата, рече Груевски по посетата на пелагонискиот регион.

Според него, поволниот макроекономски амбиент се должи на тоа што неколку години Владата води стабилна и здрава макроекономска политика, така што граѓаните се повеќе штедат во денари, наместо во евра што, како што рече, укажува на нивната доверба во макроекономската политика на државата.

- Се разбира не е се сјајно, во реалниот сектор имаме проблеми, пред се поради кризата во Европа. Намален е извозот и имаме проблеми со прилив на дополнителен број странски инвестиции. Тие и сега доаѓаат, но кога не би била европската криза би ги имале уште повеќе, додаде премиерот Груевски.