Премиерот Груевски со децата летувалци: Среќата на луѓето ми е мотив да ги спроведувам проектите

Премиерот Никола Груевски и министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски денеска во одморалиштето „Мајски цвет“ во Струга ги посетија децата од семејства со социјален ризик кои се дел од проектот бесплатен одмор за 3.000 деца.

Претседателот на Владата по посетата истакна дека ќе направи се од себе за овој проект да продолжи и во иднина.

- Се чувствувам убаво. Душата ми се исполни кога ги видов децата со нивните насмевки и радост. Ќе направам се од себе проектот да го продолжиме и да го зајакнеме, во иднина што повеќе деца на ваков начин кои немаат други можности да ја искористат можноста што државата ја дава да поминат убави мигови, да бидат среќни, задоволни, радосни и насмеани, изјави Груевски.

Ова чувство, додаде тој, го имам кога понекогаш ќе ги сретнам земјоделците кои зборуваат за субвенциите што ги примаат и кога ги среќавам пенизонерите на улица кои кажуваат за придобивките што ги имаат од владините мерки.

Проектот за одмор на децата од семејствата со социјален ризик почна да се реализира од 1 јуни и опфаќа деца од четврто до осмо одделение. Бесплатниот одмор досега го искористиле 1.480 деца од социјални семејства заклучно со четвртата група која е во тек, а петтата група почнува на 25 јули.  Дел од децата летуваат во одморалиштето „Мајски цвет“ во Струга, а останатите, особено оние кои имаат одредени белодробни заболувања, одат на Пелистер.

Премиерот Груевски претходно присуствуваше на промоција на компјутерски томограф и ја посети на Општата болница во Охрид со цел да се информира како течат градежните работи од реконструкцијата.