Министерот Сарачини се сретна со нуркачите кои повторно ќе ја истражуваат пештерата Врело

Министерот за економија Ваљон Сарачини денеска ја посети Матка каде се сретна со претставниците од Спелеонуркачкиот клуб „Врело“ и членовите на меѓународната експедицијата.

Нуркачи од Италија, Белгија и Македонија повторно ќе нуркаат во подводната пештера Врело за да се постигне нов рекорд и пештерата да стане најдлабока во светот.

- Се трудиме да направиме што поголема промоција на туристичките атракции во нашата земја и разгледуваме опции како да направиме и едно претставување на видео проекции од видео снимките од подводната пештера. Планираме за оваа активност да поставиме и туристички инфо центар во овој регион, изјави Сарачини по средбата со нуркачите.

Според нуркачите кои се надеваат дека ќе ја истражат пештерата уште подлабоко, Врело најверојатно е една од најдлабоките пештери во светот. Истакнуваат оти местото има капацитет да биде уште истражувано, а кога ќе завршат истражувањата, веруваат дека пештерата ќе може да се пушти во комерцијална употреба.

Со досегашната постигната длабочина, Врело е на петтото место на листата најдлабоки истражени подводни пештери. Истражувањата на пештерата се поддржани од Министерството за економија, Град Скопје и МВР.