Ѓорѓиев: Се воведува налепница за регистрација на возилата

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Владата ги усвои измените на Законот за возила, со кои се воведуваат определени новитети кои имаат за цел да бидат во функција на граѓаните и компаниите и нивните интереси, и да се модернизираат состојбите, подобри услугата и заштедат трошоците.

Со ова се утврдува европска законска рамка врз основа на дефинициите на ЕУ, се воведуваат нови олеснети услови за хомологација на возила кои превезуваат лесно расиплива прехранбена стока или опасни материи, се уредуваат условите за постапката за регистрација, се  воведува лиценца за лицата кои ја вршат стручната работа при технички преглед, и се воведува налепница за регистрација, со што ќе се одбегне службеното лице на МВР да проверува дали секое возило во сообраќајот е регистрирано.

Подетални пораки околу измените се:

Прво, се уредуваат постапките за хомологација на возилата за превоз на опасни материи, кои треба да ги исполнуваат техничките барања согласно Европската спогодба за меѓународен патен превоз на опасни материи, како и хомологација на возилата за превоз на лесно расипливи прехранбени производи, согласно Спогодбата за меѓународен превоз на лесно расипливи прехранбени производи. Со ова ги присвојуваме правилата на транспортна безбедност во земјите на ЕУ. За првпат, ќе се акредитираат правни лица кои ќе ги вршат постапките на одобрување на возилата за лесно расплива стока и возилата кои превезуваат опасни материи во меѓународниот сообраќај. Досега вакви акредитирани агенции немаше, постапката беше недоволно дефинирана, а превозниците кога беа во странство можеа да се соочат со определени потешкотии заради оваа причина. Ова повеќе нема да се случува.

Второ, се воведува уште еден новитет, а тоа е информирање на  потрошувачите за потрошувачката на гориво на купеното возило, односно емисија на гасови – СО2 за секој тип на возило, со што транспонираме една нова директива на ЕУ - 1999/94/ЕС. При купување на ново возило од авто-салон продавачот е должен на потрошувачот да му ги достави сите потребни информации кои се пропишани во оваа директива, а се потребни за потрошувачот да се запознае со валидните перформанси на возилото. За непочитување на одредбата предвидена е глоба.

Трето, уште една новина е воведување на налепница. Тоа значи, за учество во сообраќај на патиштата освен што возилото треба да биде регистрирано, да има важечка сообраќајна дозвола или важечка потврда за пробно возење, да биде означено со пропишани регистарски таблици, возилата ќе треба да бидат означени со налепница за извршена регистрација. Целта е службеното лице на МВР да не мора да го проверува секое возило во сообраќајот дали е регистрирано, бидејќи регистрацијата на возилото ќе ја препознае преку налепницата која треба да биде истакната на видно место, што претставува решение по европски терк. Со ова застанувањата ќе се намалат за голем процент, што е во интерес и на полицијата и секако на граѓаните.

Четврто, со цел да се постигне сигурност дека во сообраќајот се движат безбедно-техничко исправни возила, ќе се воведе полагање на стручен испит за стручниот работник кој врши технички преглед на возилата во техничката станица, за што ќе се издава лиценца за работа. Испитот ќе се полага на секои 4 години.

Петто, Бирото за метрологија добива дополнителна надлежност за следење на возилата во постапка на хомологација, преку воведување на евиденциски систем за издадени одобренија, со кои се потврдува дека возилото ги исполнува техничките стандарди односно барања и може да оди на регистрација. Се воведува форма на обрасците и систем што ќе ги штити податоците со што се обезбедува превенција од злоупотреби, а преку системот се овозможува поквалитетна услуга.

И шесто, со доуредување со Законот за инспекциски надзор, ја воведуваме и можноста за жалба до Комисија за жалби, која ќе биде формирана од страна на министрите надлежни за одреден инспекциски надзор, со што граѓаните и компаниите ќе имаат поефикасна заштита на нивните права.

Овие измени се во насока на подобрувања на процесите, на присвојување на европските стандарди и законодавство. Тие имаат конкретна цел и конкретна корист и значат подобри услови и за граѓаните и за компаниите.