Од Филипче не очекуваме да знае и да биде економист, но одговорноста налага барем да се консултира со некого што разбира бројки

Од Филипче не очекуваме да знае и да биде економист, но одговорноста налага барем да се консултира со некого што разбира бројки.

 

Очигледно, советниците на Филипче не му ја завршиле домашната задача. Наместо да информираат, тие се обидуваат политички да го излизгаат со неточни податоци за економијата. Владата нема намера да учествува во евтини политички препукувања, но должноста е наша да ги изнесеме фактите.

 

Буџетот е стабилен и ликвиден. Сите обврски кон граѓаните, компаниите и институциите се сервисираат редовно и навремено. Реализацијата на приходите и расходите се одвива согласно планот и годишната динамика, при што најголема активност традиционално се бележи во последниот квартал од годината. Филипче, ова е правило кое секој што барем површно ја следи фискалната политика го знае.

 

Водиме дисциплинирана фискална политика, буџетот за 2025 година е планиран внимателно и со јасна стратегија, со акцент на капитални инвестиции, економски раст и социјална стабилност. Дефицитот е под контрола, јавниот долг е стабилизиран, а задолжувањата се во рамките на законските лимити и насочени кон развој, а не кон популизам. Во време на СДСМ, буџетските дупки се полнеа со непродуктивни задолжувања и јавниот долг беше зголемен за над милијарда евра без видлив економски ефект. Денес, зборуваме за одговорна и фискално дисциплинирана политика која создава реални резултати.

Ова се конкретни факти, не конструкции. Проектираниот буџетски дефицит за 2025 година изнесува 41,4 милијарди денари, што е 3,3 милијарди денари пониско од 2024 година. Реализацијата досега изнесува 36,4 милијарди денари, што е во рамки на планот.

Јавниот долг заклучно со јули изнесува 58,7%, а се очекува до крајот на 2025 година да биде понизок од проектираниот 62,1%. Да го потсетиме ли Филипче дека од година за година го надминуваа овој критериум? Да го потсетиме ли Филипче дека во првите месеци од 2025 година, Министерството за финансии исплати еврообврзница од 500 милиони евра издадена во 2018 година од претходната Влада?

Кога зборуваме за раст на инвестиции и економска активност, капиталните расходи заклучно со 14 октомври изнесуваат 20,8 милијарди денари, што е повеќе за 17,9% во споредба со истиот период лани.

Економијата расте, инфлацијата се стабилизира. Реалниот БДП порасна за 3,4% во второто тримесечје од 2025 година. Стапката на невработеност се намали на 11,5% што е историски најниско ниво. Инфлацијата е стабилизирана на 4% во септември, со тренд на намалување.

Ова се факти, не политички флоскули.

Додека Филипче се обидува да создава паника со манипулации и полуинформации, Владата останува фокусирана на стабилноста, растот и подобрување на животниот стандард на граѓаните.