Министерот Кралев се сретна со делегација од Светска банка

Подготовката на проектот за развој на вештини, односно за можните компоненти и активности што би се финансирале од овој проект, што ќе започне во септември годинава, беа тема на разговор на денешната средба на министерот за образование и наука Панче Кралев со претставници на Светска банка, предводени од Џеин Армитаџ, директор за Југоисточна Европа.

Министерството за образование има за цел да ги заокружи реформите во високото образование, да го реформира средното стручно образование и да обезбеди и двата потсистема да бидат одговорни кон барањата и потребите на растечката индустрија и економија во Република Македонија. Проектот би се фокусирал на исполнување на плановите и целите на Министерството за образование и наука.

- Во делот за високото образование, Министерството планира да го комплетира процесот на воспоставување механизми за обезбедување и контрола на квалитетот преку зајакнување на квалитетот на процесот на акредитација и воведување екстерна евалуација на високообразовните институции, како и воведување нов модел на финансирање на високото образование што ќе ја зголеми отчетноста на високообразовните институции и ќе стимулира квалитет. Со проектот се планира и сеопфатна реформа на средното стручно образование и обука, се вели со соопштението од Министерството.

Проектот, освен подобрување на квалитетот на образованието, би можел да финансира и активности како што се: поврзување на понудата со побарувачката на вештини (labor observatory), мониторинг и евалуација (tracerr studies, ТИМСС, ПИСА) Проектот ќе се дизајнира во тесна соработка со Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика.

Резултатите од студиите ТИМСС (постигнувања на учениците по математика и наука на крај од основното образование), истражувањето за вештини (skills measurement) и студијата за анализа на политиките за развој на работна сила (Workforce development review) ќе помогнат во утврдувањето на слабите страни во образовниот систем кои би можело да се адресираат преку проектот, се вели во соопштението.