Потпишан Меморандум за подобрување на капацитетите за намалување на стакленичките гасови

Со американска помош Македонија ќе го намалува нивото на емисија на стакленички гасови во атмосферта, особено во областа на енергетиката.

Тоа го овозможува денеска потпишаниот Меморандум за разбирање и изјава за соработка за подобрување на капацитетите на Република Македонија во изготвување стратегии за развој со фокус  врз намалување на емисите од стакленички гасови, од страна на вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и директорот на УСАИД во Македонија, Роберт Вуртц.

Целта на Меморандумот е зајакнување на институционалните капацитети, правење поквалитетни модели за анализа и развој во делот на енергетиката, како и поквалитетно  собирање и обработување на податоците од областа на климатските промени, а онаму каде што е неопходно и соодветни законски измени и подигање на свеста за примена на технологии во делот на чиста енергија. Со потпишаниот документ Владата на САД и става на располагање на Македонија технички експерти од оваа област што ќе спроведуваат краткорочни обуки. Покрај тоа се нуди и помош за приоритетите што ќе бидат идентификувани за време на реализирањето на проектот, како и поддршка  за прибирање, анализа и обработка на податоците за климатските промени.

- Со потпишувањето на овој Меморандум Владата на Република Македонија покажува  дека се стреми кон воведување високи и напредни стандарди. Станува збор за програмата LEDS (Low Emission Development Strategies) започната од САД во соработка со околу 20 избрани држави меќу кои и нашата. Република Македонија е избрана врз основа на посветеноста  на државата и Владата, интересот и напредокот што е направен досега на полето на развој на стратегии за ниски емисии во делот на енергетиката и останатите пазари, рече вицепремеирот Пешевски по потпишувањето.

Во Македонија, нагласи, изработени се низа стратешки документи од оваа област и соодветна законска регулатива за нивна поддршка.

- Целта на LEDS е да ги поддржи и подобри развојните програми, планови и мерки кои се дел од стратешките документи  од областа на енергетиката за да може во иднина Македонија поквалитетно и поефикасно да ги подготвува и имплементира стратегиите од оваа област, а при тоа  да се води сметка да се справуваме и со климатските промени на нивото што е соодветно за нас, рече Пешевски.

Директорот на УСАИД Вуртц рече дека често во минатото економскиот раст на земјите бил придружен со зголемување на употребата на енергија на начин кој и штети на животната средина и го продуцира создавањето стакленички гасови.

- Владата на САД тоа го препознава како глобален проблем и во 2010 година ја лансираше развојната стратегија за намалување на емисиите на гасови  наречена LEDS  чија цел е развивање стратегија за ниска емисија со избрани партнерски земји меѓу кои и Македонија, рече Вуртц.

Стратегијата LEDS, нагласи, се обидува да најде начин земјата да ја развива својата економија истовремено намалувајќи ги  емисиите на стакленичките гасови.

- Стратегијата е компилација на разни политики и поттикнувања во разни сектори како што се енергетиката, индустријата, транспортот, земјоделството и отпадот. Целта на LEDS програмата е на партнерските земји да им помогне  да планираат одржлива патека на развој која ги намалува емисиите долгорочно. САД препознаваат дека нема пристап кој  одговара на сите во подготовката на LEDS и оти тоа  треба да биде процес кој го води самата земја, рече Вуртц.

Македонија, додаде, презема голем број чекори кон развојот и спроведувањето на елементите на LEDS.