Груевски: Најдраги ми се проектите во областа на здравството, образованието и субвенциите за земјоделците

Проектите во областа на здравството и набавката на медицински апарати премиерот Никола Груевски ги издвои како едни од најдобрите, но не помало значење им придаде и на проектите во образованието, земјоделството и новите странски инвестиции кои отвораат можност за илјадници нови вработувања.

- Сите проекти се на некој начин важни за различни слоеви на населението. За мене најдраги ми беа набавките на апарати во медицината затоа што знам дека ќе спасат многу животи. Знам дека ќе помогнат за дијагностицирање и лекување на многу граѓани во Република Македонија, ќе им помогнат да ги продолжат животите и да имаат подобро здравје. Исто така, тука би ги вброил и проектите во образованието - реконструкција и градби на училишта, но и субвенциите на земјоделците и распределба на земјиштата на земјоделците, рече Груевски. 

Тој додаде дека има уште многу други значајни проекти кои не може да се запостават и да се каже дека едни се поважни, а други не. - На пример, крупни фабрики што се отвораат во Македонија, што се градат или се изградија, кои ќе вработат илјадници наши граѓани кои чекаат работа се исто така постигнувања што не може да не се стават меѓу поважните и посакувани проекти во Република Македонија, истакна премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање.