Одбележани 11 години од загинувањето на армиските резервисти кај Карпалак

Кај месноста Карпалак на автопатот Тетово - Скопје денеска со положување цвеќе и со отслужување панихида беше одбележана 11-годишнината од загинувањето во заседа на 10-те прилепски резервисти на Армијата на Република Македонија за време на конфликтот во 2001 година.

Панихидата ја отслужија двајца свештеници на тетовското архиерејско намесништво на МПЦ, а на одбележувањето присуствуваа министрите за здравство и за оразование Никола Тодоров и Панче Кралев, заменик-министерот за одбрана Емил Димитриев, делегација од Кабинетот на претстедателот на Република Македонија, Генералштабот на АРМ како и роднини, пријатели и сограѓани на загинатите од Прилеп.

- Единаесет години положуваме венци и цвеќе и палиме свеќи на банкината. Бараме еден камен да се постави за 10-те бранители, прилепски херои кои загинаа на ова место. Останува и проблемот со сквернавењето на плочата и очекуваме дека надлежните нема да дозволат да се повтори минатата година кога веднаш по одбележувањето на овој датум, откако заминавме, плочата беше скршена, изјави Ацо Јованоски Реган, возач на автобусот кој беше дел од нападнатиот армиски конвој.

Претставникот на Здружението на резревни воени обврзници од Прилеп Јордан Трајковски искажа незадоволството од односот на државата кон бранителите.

- Остануваме на барањето за поставување спомен-обележје за да можеме достоинствено да го одбележиме овој трагичен настан. Бараме да се каже и вистината што се случи во 2001 година дали беше војна, воена вежба или нешто друго. Останува и проблемот со преживеаните учесници во настаните од 2001 година кои секојдневно имаат пролеми во остварувањето на правата во школството, здравството, социјалата и слично, нагласи Трајковски.

Горан Димтровски, претседател на Здружението на бранители „Бедем“ истакна дека дошле на Карпалак да им оддадат почит на бранителите кои загинаа за заштита и одбрана на Македонија и нејзиниот интегритет и суверенитет.

Панихида за загинатите бранители денеска се одржа и во црквата „Свето Преображение” во Прилеп, а централното чествување е пред спомен-комплексот „Карпалак” во центарот на градот. Во чест на загинатите прилепски бранители ќе биде отворен модерниот кружен тек во центарот на градот наречен „Прилепски бранители“.

Чествувањата почнаа уште синоќа. Семејствата на загинатите, соборци претставници на АРМ, на локалната самоуправа и граѓаните го посетија спомен обележјето во касарната „Мирче Ацев”, положија свежи цвеќиња и им оддадоа почит на загинатите бранители. Блиските на загинатите ја посетија и спомен собата во кругот на касарната.

Синоќа почит на загинатите бранители им беше оддадена и пред спомен обележјкето во селото Лениште и во Манастирот „Света Петка”.

Делегација на ЗОК вчера положи цвеќе пред спомен-обележјето во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп и пред спомен-обележјето во село Лениште.

На 8 август 2001 година армиски конвој составен од пет возила и 120 резервисти наиде на заседа кај месноста Карпалак. Во одбрана на независноста, територијалниот интегритет и суверенитет на државата загинаа Нане  Наумоски, Сашо Китаноски, Бранко Секулоски,  Горан Миноски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушидоски и Пеце Секулоски, сите од резервниот состав на АРМ од гарнизонот Прилеп.