Инспекторите за труд со нови службени легитимации

Инспекторите за труд отсега при вршење на инспекциски надзор ќе се легитимираат со нови службени легитимации. Новите документи се печатени на тврда хартија со светло сина боја и двоен повез од кожа во црна боја.

Првите легитимации денеска им беа врачени на шест инспектори од страна на министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

- Инспекторот за труд во вршењето на инспекцискиот надзор е овластен во секое време на денот и ноќта да влезе во просториите на работодавачаот без претходно најавување и без оглед на работното време. Тој е должен за своето присуство да го извести овластеното лице на работодавачот, доколку е присутно и да му покаже службена легитимација со која ќе го докаже својот идентитет и овластување, истакна Ристовски.

Во текот на првите шест месеци од годинава инспекторите за труд извршиле вкупно 23.690 контроли од кои 17.095 од областа на работните односи и 6.595 од областа на безбедноста и здравјето при работа.

Во овој период затекнати се вкупно 494 непријавени работници и донесени се 193 решенија со кои се задолжуваат работодавачите да ги пријават и да им исплатат три просечни плати.

Според министерот Ристовски, бројот на непријавени работници се намалува во споредба со изминатите години, но истовремено се зголемува бројот на пријави од граѓани за непријавени работници на бесплатниот телефонски број.

Од областа на безбедност и здравје при работа изречени се 37 забрани за работа и донесени се 2.243 решенија за утврдени недостатоци. Во овој период има пет смртни случаи, а нема колективни повреди на работа.