Одбележани 11 години од загинувањето на осумте бранители кај Љуботенски Бачила

Пред спомен-обележјата во село Љубанци, во касарната „Илинден“ и во Волково, денеска беа одбележани 11 години од загинувањето на осуммината воени обврзници на АРМ кај месноста Љуботенски Бачила.

Делегација на Владата на РМ, во состав: Зоран Коњановски, заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Петар Есмеров, државен секретар во Министерството за одбрана и  Драган Недељковиќ, заменик-министер за култура, положи цвеќе пред споменикот на жртвите во село Љубанци, пред споменикот во село Волково и пред споменикот на бранителите во касарната Илинден.

Делегација на Министерството за одбрана и на Генералштабот на АРМ, предводена од началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески, положи цвеќе на спомен-обележјето во село Волково. Во организација на општина Ѓорче Петров во село Волково беше откриен нов споменик на бранителите од 2001 година и спомен-чешма.  Делегации на МО и на ГШ на АРМ положија цвеќе и во село Љубанци  и пред спомен-обележјето во касарната „Илинден“.

Почит на жртвите кај Љуботенски Бачила искажаа и претставници од здруженијата на бранителите во 2001 година со надеж дека нема да се повторат деновите на кои, како што рекоа, се сеќаваат со голема тага.

Од здружението на бранители соопштија дека се залагаат за исполнување на правата и дека голем дел од нив се реализирани или во процедура во Владата. Бенефициите за кои разговарале со власта се од областа на здравството, социјалата и образованието. За некои барања наидуваат на пречки од одредени политички структури кои, според нив, ги опструираат зашто ќе загубат во својата политичка активност ако се исполнат барањата на бранителите.  Се надеваат дека  тоа ќе се надмине и дека ќе го добијат заслуженото место.  

На 10 август 2001 година воено товарно возило на АРМ на патот кај месноста Љуботенски Бачила нагази на две противтенсковски мини. Животот го загубија Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски, сите припадници на резервниот состав на АРМ од гарнизонот Скопје.