ФЗОМ по службена должност ќе ги прибавува потребните документи за граѓаните за одредена услуга

Службите на Фондот за здравствено осигурување по службена должност ќе ги прибавуваат документите што им недостигаат на граѓаните кои поднесуваат барања за одредена услуга.

Документите ќе се собираат во рок од три дена, освен во случаите кога согласно Законот рокот за решавање на одреден предмет е 15, 30 или 60 дена.

- Станува збор за обраќање до првиот шалтер каде граѓанинот треба да ја добие услугата, а институцијата по службена должност ќе треба да ги обезбеди документите. Услугата ќе се наплатува на едно место, на еден шалтер, изјави министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, кој денеска заедно со директорката на ФЗОМ Маја Парнарџиева-Змејковска ја промовираа кампањата „Нема повеќе трчање по шалтери“.

Оваа мерка, додаде Ивановски, ќе им заштеди време на граѓаните и ќе ги намали гужвите по шалтерите.

Директорката Парнарџиева-Змејковска истакна дека Фондот  останува да  бара по службена должност извод од матична книга на родените и документите од Министерството за труд и социјална политика за одредени специфични категории осигуреници.

Првпат во име на граѓаните Фондот за здравствено осигурување ќе ги обезбедува и документите за лекување во странство, како и документите од лекраските комисии.

Парнарџиева-Змејковска најави дека во следниот период ќе биде воведен и електронски систем за доставување на барањата од граѓаните до Фондот.

Со измените на Законот за општа управна постапка кои стапија на сила минатата година, институциите се должни по службена должност да ги прибавуваат сите документи.

Фондот за здравствено осигурување е една од трите институции во државата која има најмногу услуги и најголем број на посетители годишно.