Во општината Ѓорче Петров првично ангажирани 21 лице, во рамки на владиниот проект за изведување јавни работи

Во општина Ѓорче Петров денеска во пракса почна да се реализира Проектот за изведување јавни работи што е составен дел од владиниот пакет од 12 социјални мерки што беше најавен пред месец и половина и за кој Владата одвои 1,5 милиони евра.

- Ѓорче Петров беше првата општина која поднесе апликација и пројави интерес за ангажирање лица за реализација на Проектот за изведување јавни работи и не е случајно што денеска сме токму тука со директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски, изјави министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски по обиколката на паркот во Ѓорче Петров каде почна изведувањето на јавните работи.

Во рамки на општината Ѓорче Петров, посочи, ќе бидат ангажирани 21 лице од планираните 2.000 што треба да се реализираат во општините со поддршка на ЗЕЛС.

- Вкупно 76 општини аплицираа за обезбедување на лица кои ќе бидат работно ангажирани во Проектот за изведба на јавни работи за кој се планира да се ангажираат вкупно 4.000 лица, односно по 2.000 лица од страна на општините и на Владата. Со наменетите средства за Проектот очекуваме да се обезбеди сигурна гаранција за една група граѓани кои во најголем дел се социјално и материјално необезбедени лица корисници на социјална помош, но има и лица кои се подолг временски период невработени, како и лица кои не можат да бидат преквалификувани или доквалификувани, истакна Ристовски.

Toj oчекува на овој начин во наредните шест месеци да биде реализирана поддршкaта на повеќе инфраструктурни проекти, но и да се обезбеди почиста животна средина.

- Очекуваме овој проект да даде добри резултати бидејќи практично по трет пат се спроведува, а во првите два пати даде евидентни резултати. Како Влада во соработка со општините ќе продолжиме да реализираме вакви проекти кои се за добробит на граѓаните, посочи Ристовски.

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров Сокол Митровски потенцира дека веќе имаат огромно искуство со вработување на сезонски работници поради што, истакна, биле првата општина која поднела барање за ангажирање на долгорочно невработени лица кои се наоѓаат во евдиенција во Агеницјата за вработување.

-Заинтересирани сме за ангажирање на уште поголем број лица од првичните 21. За одржување на хигиената во општината покрај нив перманентно имаме ангажирани уште 80 лица кои се добродојдени зашто во полн ек е сезоната за средување и чистење на дивите депонии, градскиот парк, улиците, ..., рече Митровски. Сезонските работници, нагласи, се неопходни за подобра хигиена и за поцивилизирано живеење во општината.