Ристовски: Со новиот закон ќе се дефинираат и класифицираат евиденциите на лица кои активно бараат работа

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски очекува по изгласувањето на новиот закон за вработување и осигурување во случај на невработеност јасно да се дефинираат и класифицираат евиденциите на лица кои активно бараат работа и лица кои се пријавуваат заради остварување на определени права, популарно наречени пасивни невработени лица кои не сакаат работно да бидат ангажирани.

- Неспроно е дека Агенцијата за вработување во изминатиот период многу сериозно пристапи кон редуцирање на бројот на оние кои одбиваат работа. Во изминатиот период 80-тина илјади граѓани беа тргнати од списокот на невработени, а само седум проценти од нив поднесоа жалба на таквото решение на Агенцијата. Со тоа се потврдува дека тие се свесни оти не биле во право, односно евидентно е дека сме констатирале пропусти во нивното функционирање, изјави министерот Ристовски одговарајќи на новинарско прашање по посетата на паркот во општина Ѓорче Петров, каде во пракса почна реализацијата на владиниот Проект за изведување јавни работи со ангажирање на невработени лица во соработка со општините.

Државниот инспекторат за труд во соработка со Агенцијата за вработување, нагласи, врши инспекциски надзори и практично дел од лицата кои се избришани од евиденциите се тргнати врз таа основа.

- Кога при инспекциите ќе се констатира дека некое лице е ангажирано на црно, Агенцијата го трга од списокот на невработени. Ова системско решение ќе продолжиме да го реализираме и во иднина, а очекуваме со новиот закон јасно да се дефинираат и класифицираат невработените лица на активни баратели и лица кои не бараат работа, појасни Ристовски.

Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски истакна дека при секое посредување голем дел од невработените кои се поканети на медијација, односно посредно интервју за вработување одбиваат работа или не се појавуваат на интервјуто.

- Веднаш после тоа нормално е да следува исклучување од списокот на невработени, бидејќи Агенцијата за вработување ги вложува сите напори да обезбеди слободни работни места и да ги пополни со невработени лица. Заинтересираноста на невработените лица е се помала дури и загрижува. Кога имаме бројка од 260 илјади регистриани невработени и сме во економска криза да одбиеш работа е непромислено од страна на невработените или, пак, тоа значи дека имаат некоја работа која ја работат на нерегистриран начин, рече Поповски.

По изгласувањето на новиот закон во Собранието, појасни, ќе следи пререгистрација на невработените за да видиме вистински колку бараат, а колку не бараат работа.

- Невработените сами ќе можат да се изјаснат за тоа, ќе постои формулар кој ќе треба да го пополнат во рок од четри месеци оние кои се веќе регистрирани. Новите невработени, кои се регистрираат по завршување на образовниот циклус веднаш ќе го пополнуваат формуларот. Подоцна тие што ќе се изјаснат за активни невработени кои бараат и сакаат да работат ќе пополнат универзален план за вработување по што ќе може да се излезе со конкретна бројка колку вистински во Македонија невработените бараат работа, истакна Поповски.

На невработените, потенцира, секогаш им се нуди работа која се однесува на нивниот образовен профил и занимање кое го истакнале во апликативната форма до Агенцијата за вработување.